Одрински револуционерен округ
Одрински револуционерен округ на ВМОРО — дел од структурите на револуционерната мрежа и го опфаќал целиот Одрински вилает. По создавањето на ТМОРО, во Одринскиот вилает се оформирале и првите месни комитети на организацијата.
Први обиди
[уреди | уреди извор]Со Берлинскиот конгрес во 1878 година во Северна Тракија била создадена Источна Румелија - автономна отоманска област со центар Пловдив, а јужните делови на Тракија останале во отоманскиот Одрински вилает. Најголемиот дел од жителите на Источна Румелија биле Бугари, поради што тие се обиделе да се соединат со Кнежевство Бугарија. Така во 1885 година бил основан Бугарскиот таен централен револуционерен комитет (БТЦРК). Првичната цел на Комитетот била ослободувањето на Македонија од турска власт, а во подалечна перспектива, создавањето на конфедерација на балканските земји. Раководител на Комитетот бил Захариј Стојанов, а меѓу учесниците и помагачите тогаш биле гимназијалците во Пловдив: Пере Тошев, Коста Паница, Димитар Ризов, Андреј Љапчев, Христо Татарчев, Ѓорче Петров и др. Летото 1885 БТРЦК организирал кражба на оружје кое требало да биде предадено на Кнежевството Бугарија за вооружување на чети, кои требало да заминат во Македонија. Откако властите ја заплениле пратката, Захариј Стојанов одлучил дека Владата на Источна Румелија е сериозна пречка за организацијата. Основен приоритет на БТЦРК станало обединувањето на Кнежевство Бугарија и Источна Румелија. Така, во текот на ноќта спроти 6 септември 1885 година востаниците воспоставиле контрола над Пловдив и ја отстраниле владата и генералниот гувернер Гаврил Крстевич. По соединувањето, во периодот од 1885-1890 година, Пере Тошев, Андреј Љапчев и нивните другари организирале голем број тајни состаноци низ Пловдивските села. Таму тие одлучиле за организирање на нова ослободителна организација. Во 1889 година Пере Тошев му пишал писмо на Ѓорче Петров да формираат ваква организација за ослободување на Македонија и Одринско.
Основање
[уреди | уреди извор]Подоцна на 23 октомври 1893 година во Солун била основана Македонската револуционерна организација. Одринско не влегувало во првата програма на таа организација бидејќи основоположниците биле целосно насочени кон Македонија, но во 1895 година била донесена одлука кон неа да биде приклучен и турскиот дел на Тракија. Така, еден од основачите на организацијата, Даме Груев, му наложил на Христо Поп Коцев, кој бил учител во Одринската егзархиска машка гимназија и член на организацијата, да започне изградбата на комитетската мрежа во Источна Тракија. Како резултат на тоа во 1895 година во Машката гимназија „Д-р Петар Берон“ во Едрене бил основан првиот револуционерен кружок од Поп Коцев. Во 1896 година со помош на Павле Генадиев била создадена и мрежата на Одринскиот револуционерен комитет, чиј претседател првично бил Поп Коцев.
Цариградски револуционерен комитет
[уреди | уреди извор]Специјален статус имал главниот град Цариград, каде Димитар Љапов во 1895 година го создал Цариградскиот револуционерен комитет, кој бил автономен и добил право директно да комуницира со Централниот комитет на ВМОРО. Во 1896 година на Солунскиот конгрес териториите на Тракија и Македонија биле поделени на револуционерни окрузи, а меѓу нив бил и Одринскиот. По Солунскиот конгрес, Цариградскиот комитет се приклучил кон Одринскиот револуционерен округ.
Конфликт со Егзархистите
[уреди | уреди извор]Во 1897 година во лицето на зголемената револуционерна сила на ВМОРО група про-егзархиски настроени активисти, основале во Солун нова организација - Бугарско тајно револуционерно братство. Таа почнала да прави свои филијали во Ахчелебиско, Дедеагачко и Скечанско.[1] Акциите на Братството среднале сопротива од страна на Внатрешната организација. Почнале внатрешни борби и обиди за взаемни заседи со повредени, иако никој не бил убиен. Во почетокот на 1900 година сепак бил потпишан протокол за помирување, а Бугарското тајно револуционерно братство се самораспуштило и се слеало во ТМОРО со што престанало официјално да егзистира, но неговите поранешни членови како Караманџуков продолжиле со својата активност, сега во самата организација.
Керемидчиоглува афера
[уреди | уреди извор]Керемидчиоглувата афера, која избувнала во јули 1900 година во Лозенградско била прв��та од серијата афери кои ги растресле структурите на Внатрешната македонско-одринска револуционерна организација во Источна Тракија. Таа нанела силен удар врз револуционерната дејност и довела до раздор и опаѓање на моралот. По аферата почнале масовни апсења и тортура. Уапсени биле над 100 луѓе. Голем број од тие што подлегнале на тортура не издржале и умреле уште за време на истрагата. Во притвор биле ставени едни од најистакнатите дејци на организацијата, а други нелегално преминале во Бугарија. Во тоа време, Лазар Маџаров во Бугарија формирал агитациона чета, во која се прикличиле искусни дејци, како: Јани Попов, Јанко Стојанов, Коста Тенишев, Лазо Лазов, Славе Мерџанов, Петар Соколов, Петар Манџуков и др. Четата ја преминала границата и се сместиле во Лозенградско. Возобновени биле комитетите во речиси сите погодени села од аферата.
Конфликт со Врховниот комитет
[уреди | уреди извор]Во февруари 1901 година В'лчо Антонов ги прекинал односите со Одринскиот комитет на ВМОРО и ја прифатил поканата на претседателот на ВМОК Борис Сарафов да го предводи пограничниот премин на ВМОК во Чепеларе. Тоа направил обид за изградба на самостоен Беломорски револуционерен округ западно од реката Марица кој би бил под негова контрола. Во Чепеларе Антонов ги сменил средствата на терор - па така уште во февруари биле убиени двајца истакнати дејци на организацијата - Атанас Шапарданов и Дечо Стојановски, а во пролетта бил направен неуспешен обид за убиство на Хаџи Нури бег, кој ја предизвикал големата Пашмаклиска афера. Атентатите врз дејците и нападите врз муслиманските првенци го ослабеле револуционерното дело. Многумина истакнати дејци како Константин Николов, Тане Стоев, Владимир Коруев и други биле принудени да пребегнат во Бугарија.
Засилување на влијанието на Сарафов
[уреди | уреди извор]Во меѓувреме и Димитар Љапов и Павле Генадиев ги прекинале односите со ВМОРО. Тие го отцепиле Цариградскиот револуционерен комитет од ВМОРО и стапиле во контакт со Борис Сарафов, Петар Манџуков, Славе Мерџанов и Петар Соколов. Подоцна дел од нив заминале во Цариград со цел да го убијат султанот Абдул Хамид. Откако се увериле дека не постојат никакви шанси за успешно изведување на атентатот, тие пристапиле кон нов план што опфаќал уривање на отоманската банка во Цариград и цела година групата копала тунел под земјата што води кон темелите на банката. Потоа во Цариград бил испратен и Павел Шатев, но турските влласти го уапсиле Ерменецот кој требало да ги снабди со експлозив, а потоа биле уапсени Славе Мерџанов, Петар Соколов, Манџуков и Шатев.[2] Меѓутоа властите сметале дека станува збор за обични комити и по интервенцијата на бугарскиот дипломатски претставник биле ослободени и протерани од Цариград. По падот на Сарафовиот комитет и Солунската афера гемиџиите останале без поткрепа. За да дојдат до пари Мерџанов и Соколов формирале чета на чело со Георги Фотев и влегле во Одринско. Таму планирале да го ограбат возот Ориент Експрес но неуспеале во таа намера. Потоа тие грабнале еден турски бег, но четата била откриена и уништена. Петар Соколов загинал, а Славе Мерџанов бил заробен и во Одрин заедно со свои другари бил обесен.[3]. Од другата страна пак, Димитар Мечев во Одрин со група атентатори направил обид за копање на канал до австриската пошта, но таа акција била неуспешна.
Обид за помирување
[уреди | уреди извор]Во 1899 година Ѓорче Петров ги посетил Родопите, кога имал неуспешен обид да го запре конфликтот што настанал меѓу ВМОРО и ВМОК и сепаратистичките обиди на В'лчо Антонов.[4] Во 1900 година Георги Василев бил испратен како учител во Дедеагач за да го наметне своето влијание во Одринскиот округ над одметниците во Гумурџинско и Ахчелебиско, кои пак се обидувале да формираат самостоен револуционерен округ. Тој одреден број врски со некои од нив во 1901 година, како што се Антонов и Караманџуков и направил обиди да ги разубеди, но не успеал во тоа.[5]
Зацврстување на округот
[уреди | уреди извор]Од есента 1902 година претседател на округот бил Велко Думев. Исто така Гоце Делчев направил неколку обиколки на вилаетот. Според отец Петар Киприлов, Гоце Делчев, го посетил за првпат регионот во 1896, а во април 1898 година пак поминал и низ Странџа. Со цел да им помогне и ги зајакне локалните комитети, Гоце Делчев презел нова турнеја во регионот во 1900 година. При таа посета, Гоце Делчев има спор со Стојан Лазов за тоа дали Македонија и Одринско треба да се приклучат кон Бугарија или да преземат самостоен пат. Гоце истакнал дека не треба да се заборави дека има и други народи и држави, кои се многу заинтересирани за ова прашање. Едно мешање на Бугарија ќе предизвика мешање на соседните земји и може да доведе до распарчување на Македонија и Одринско. Затоа треба да се привлечат во борбата и другите народности и така народите што живеат во тие две области, треба сами со заеднички напори и жртви да извојуват својата слобода и независност во границите на една општа афтономна Македонско-Одринска држава, кои би се потпирале само на материјалната и морална поддршка на Бугарија и на големите сили.[6] Според информациите на Христо Караманџуков, важна улога во развојот на револуционерната дејност во областа одиграл конгресот на округот претседаван од Гоце Делчев, кој се одржал во Пловдив во април 1902 година. На него се земени важни одлуки. Така, тогаш биле запрени сепаратистките обиди за изградба на самостоен Беломорски револуционерен округ западно од реката Марица. Откако конгресот завршил, Гоце Делчев и Коста Нунков отишле на Родопите да се сретнат со одметникот В'лчо Антонов и да му ја достават одлуката на конгресот, како и задачите кои му биле доделени како главен инспектор во Западна Тракија.
Востание
[уреди | уреди извор]Одринскиот округ бил поделен на пет региони. Подоцна во 1903 година конгресот на Петрова Нива конечно ја утврдил поделбата, односно: I регион - Малотрновски, II регион - Чокенски (Одрински); III регон - Мустафапашански (Свиленградски), IV регион - Ахчелебиско (Смолjaнско) - Скечански (Ксантиски); V регион - Гумурџинско-Дедеагачки. Конгресот избрал и орган кој бил овластен да подготви и да го крене востанието. Овој орган бил наречен Главно боево тело и се состоел од три лица: Михаил Герџиков, Лазар Маџаров и капетан Стамат Икономов. Веднаш по конгресот на "Петрова Нива", на 5 јули 1903 година во Родопите, во близина на селото Карлуково се одржал Родопскиот конгрес на ВМОРО каде имало учество на претставници од Ахчелебискиот револуционерен регион. Избрано било Боево тело за водење на активностите во регионот. Во 1903 година, две недели по објавувањето на Илинденското востание, тука се кренало Преображенското востание, предводено од Михаил Герџиков. Како резултат на востанието се прогласила Странџанската република.
Поствостанички период
[уреди | уреди извор]По задушување на Преображенското востание организацијата била сериозно разбиена. По левиот брег на реката Марица (Малотрновско и Лозенградско) практично комитетите на ВМОРО биле уништени. Мустафапашанско било деморализирано од шверцери. Ортаќојско, Суфлиско, Гумурџинско и Ахчелебиско биле во релативно добра состојба, а во најдобра состојба било Дедеагачко. По востанието започнало зајакнување на организацијата на Родопите и Западна Тракија. Во 1904 година се одржал конгрес на Одринскиот револуционерен округ во Варна, на кој се донела одлука за активирање на терористички напади.[7]
Задграничното претставништво престанало да испраќа чети и материјали во Одринско, оружје и пари, што дополнително ги заслабило позициите на ВМОРО. Ретки напади во округот имало над претставници на грчката вооружена пропаганда. На 10 ноември 1907 година во борба со турските сили загинале Петар Васков, Лазар Маџаров и уште четворица четници, крај селото Лаџакоj, Дедеагачко.[8] Подоцна во регионот се испратени четите на Димитар Арнаудов и на Бојко Чавдаров. На Ќустендилскиот конгрес од 1908 година, округот бил претставен од Климент Шапкарев и Петар Андреев.[9] На конгресот било решено активностите на ВМОРО да бидат ограничени за одржување на револуционерниот дух со агитатори-организатори. Влезот на четите бил прекинат, а оружјето било предадено на месното население само за самоодбрана.[10]
По Младотурската револуција
[уреди | уреди извор]По Младотурската револуција во 1908 година ВМОРО било легализирана во Сојуз на бугарските уставни клубови и Народна федеративна партија (бугарска секција). Во септември 1908 година се одржал нов конгрес во округот во Едрене. На конгресот се одлучило да се учествува на претстојните избори за пратеници во Одринскиот вилает со самостојна листа. Во тој период се издавал весникот „Одринска зарја“. Избрано било Окружно боево тело во состав: Стамат Икономов, Страшимир Дочков, Георги Поп Ајанов, Анастас Разбојников и Климент Шапкарев. По некое време, Младотурците ги продолжиле репресиите. По создавањето на Македонско-одринското ополчение во 1912 година бугарскиот Главен штаб го испратил корпусот во војната во Тракија. Во декември 1912 година откако ги исполниле поставените задачи и стигнале речиси до Истанбул, партизанските чети и одреди биле официјално распуштени. Така целиот Одрински вилает бил окупиран од Бугарија.
Протерување на бугарското население
[уреди | уреди извор]Во текот на Втората балканска војна од 1913 година, Бугарија ја изгубила Источна Тракија и Младотурците го протерале бугарското население од регионот. Во истата година бил потпишан и Букурешкиот мировен договор, според кој Западна Тракија потпаднала под бугарска власт. Откако во 1920 година таа паднала под грчка власт врз основа на Нејскиот договор, таму била создадена Внатрешна тракиска револуционерна организација. ВТРО била формирана со цел извојување на целосна политичка независност на Тракија преку револуционерна борба. Сепак со Договорот Молов - Кафандарис од 1927 година последните Бугари биле раселени и од овој регион.
Чествување
[уреди | уреди извор]Денес во Бугарија има традиција на чествување на Преображенци, како и на сите паднати борци за слободата на Тракија. Така, голем број улици, училишта и други објекти низ земјата ги носаат нивните имиња. Исто така има изградено и споменици во нивна чест. На 26 март секоја година се одбележува Денот на Тракија. Во државата постои Тракиски научен институт, како и Сојуз на тракиски здруженија. Во 30-те години на дваестиот век Бугарската комунистичка партија водила политика за промовирање на посебен тракиски етнос, но подоцна се откажала од оваа идеја.[11] Во Бугарија се претпоставува дека Тракијците биле посебна етнографска група.[12][13]
По падот на комунизмот, Бугарија ѝ понудила на Македонија предлог за добрососедски договор, пред сè за заедничко славење на општиот дел од историјата, но овие предлози не биле прифатени[14][15] бидејќи македонската страна го чувствува како наметнат. Поради тоа, Македонија понудила нов добрососедски договор, изменет и дополнет без условот за заедничко славење на историјата,[16] но тој не бил прифатен од бугарска страна.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Историја на Бугарија - Електронска енциклопедија, ИК Труд, Сирма, (Статија:март, 1897 година)
- ↑ Павел Шатев, Солунскиот атентат и заточениците во Фезан, Култура, Скопје, 1994
- ↑ Спомени на Борис Сарафов
- ↑ Писмо од Ѓорче Петров до деец на движењето од Ахчелебиско, со објаснување за целите на Внатрешната организација и со совети за практична дејност.
- ↑ Караманджуков, Христо. "Западнотракийските бугари во своето култорно-историско минато со посебен поглед на нивното политичко-револуционерно движење", Софија, 1934, стр 72 - 74.
- ↑ Иван Орманджиев. “Приноси”, кн. 4.
- ↑ Прличев, Кирил, "Кюстендилският конгрес на ВМРО 1908 година", "Веда-МЖ", Софија , 2001 година, стр 27.
- ↑ Прличев, Кирил, "Кюстендилският конгрес на ВМРО 1908 година", "Веда-МЖ", Софија, 2001 година, стр 27.
- ↑ Прличев, Кирил, "Кюстендилският конгрес на ВМРО 1908 година" "Веда-МЖ", Софија, 2001 година, стр 44.
- ↑ Прличев, Кирил, "Кюстендилският конгрес на ВМРО 1908 година", "Веда-МЖ", Софија, 2001 година, стр 176.
- ↑ V, Joseph. The Communist Party of Bulgaria; Origins and Development, 1883-1936. Columbia University Press. p. 126.
- ↑ The Thracian and His World. Proceedings of the eighth National Conference of Bulgarian Ethnologists, Haskovo 1995. Sofia, 1 Publication: ETHNOLOGIA BULGARICA. Yearbook of Bulgarian Ethnology and Folklore (2/2001), Stamenova, Jivka; Language: English Subject: Anthropology, Issue: 2/2001, Page Range: 141-143.
- ↑ Groups of Bulgarian population and ethnographic groups, Bulgarian Ethnology (March 1987), Simeonova, Gatya; Language: Bulgarian, Subject: Anthropology, Issue: 3/1987, Page Range: 55-63.
- ↑ Македонски историци "на бунт" срещу общото честване на празниците ни. в-к "Дума", 07.06.2006.
- ↑ България и светът. 4 Август 2006, По съседски: Събития с балкански адрес. Новина № 2.
- ↑ Македонски контра-документ на бугарскиот договор за добрососедство[мртва врска]
Користена литература
[уреди | уреди извор]- Тракиското прашање и тракиското движење во Бугарија, проф. Иван Филчев ISBN 978-954-322-190-5, издавач: Академска издавачка куќа „Проф Марин Дринов“, 2007 година, јазик: бугарски.
- Бугарите во наијсточниот дел на Балканскиот Полуостров - Источна Тракија, Димитар Г. Војников, електронски текст второ преработено и дополнето издание („Коралов и сие“, 2009 година, јазик: бугарски.
- „Разорението на тракиските Бугари во 1913 година", проф. Љубомир Милетиќ, Бугарска академија на науките, Софија, Државна печатница, 1918 година; јазик: бугарски, II фототипно издание, Културно-просветен клуб „Тракија“ - Софија, 1989 година.
- Дебугаризирањето на Западна Тракија 1919-1924, Анастас Разбојников (Тракиски Научен Институт, библиотека „Тракија“ № 12, Софија, 1940) (II фототипно издание, библиотека „Вечни книги на Бугарија“, издавачката куќа „Сибија“) јазик: бугарски.