Војна на Третата коалиција
Војна на Третата коалиција | |||||||
---|---|---|---|---|---|---|---|
Дел од Наполеоновите војни и Коалициските војни | |||||||
Наполеон во Битката кај Аустерлиц, од Франсоа Паскал Симон, Барон Жерар |
|||||||
|
|||||||
Завојувани страни | |||||||
Прва Француска Република (до 1804) Прво Француско Царство (по 1804) |
|||||||
Жртви и загуби | |||||||
Свето Римско Царство: 20,000 убиени или ранети 70,000 заробени Русија: 25,000 убиени или ранети 25,000 заробени Неапол: 20,000 убиени, ранети или заробени Вкупно жртви: 160,000 убиени, ранети или заробени | Франција: 13,500 убиени 37,000 ранети 5,000 заробени Италија: 350 убиени 1,900 ранети Шпанија: 1,200 убиени 1,600 ранети Баварија: 300 убиени 1,200 ранети Вкупно жртви: 62,050 убиени, ранети или заробени |
Војната на Tретата коалиција [б 1] била војна помеѓу Франција и нејзините сестрински држави против сојузот на Третата коалиција составена од Обединетото Кралство, Светото Римско Царство, Руската Империја, Неапол, Сицилија и Шведска во периодот од 1803 до 1806 година. Прусија останала неутрална за време на војната.
Велика Британија веќе била во војна со Франција по прекршувањето на Амјенскиот мировен договор и била единствената земја која сè уште војувала со Франција по Пожунскиот договор. Од 1803 до 1805 година, Британија бил под постојана закана од француска инвазија. Британската кралска морнарица, сепак, успеала да воспостави власт врз морињата и ја уништила француско-шпанска флота во битката кај Трафалгар во октомври 1805 година.
Вовед во војната
[уреди | уреди извор]Европа била вовлечена во Француските револуционерни војни уште од 1792 година. По пет годишна војна, Француската Република ги поразила армиите на Првата коалиција во 1797 година. Втората коалиција била создадена во 1798 година, но и таа била поразена во 1801 година, а Британија останала единствен противник на новиот Француски конзулат.[1]
Од Амјен до Третата коалиција
[уреди | уреди извор]Во март 1802 година, со Договорот од Амјен Франција и Британија се согласиле да ги прекинат непријателствата. За прв пат по десет години, цела Европа била во мир. Сепак, спроведувањето на договорот бил отежнат од многуте неразрешени спорови. Бонапарт бил лут што британските трупи не заминале од островот Малта.[2] Откако Бонапарт испратил свои трупи за повторно да воспостави контрола над Хаити напнатоста се зголемувала.[3] Долготрајната непопустливост по овие прашања ја навела Британија да ѝ објави војна на Франција на 18 мај 1803 година и покрај фактот што Бонапарт конечно се согласил за британска окупацијата на Малта.
Војската што Бонапарт ја пратил на Хаити била десеткувана од болеста што ги зафатила, и го натерала Првиот конзул да се откаже од своите планови за возобновување на Француската империја на Новиот Свет. Без доволно приходи од шеќерните колонии на Карибите, територијата на Луизијана во Северна Америка била безвредна за него. Иако Шпанија сè уште не ја предала Луизијана на Франција според Третиот договор од Сан Илдефонсо, војната меѓу Франција и Британија била неизбежна. Поради лутината кон Шпанија и затоа што имал можност да продаде нешто што е бескорисно а сè уште не е негово, Бонапарт решил да ја продаде целата територија на САД за сума од вкупно 68 милиони франци (15 милиони долари).[4] На 30 април 1803 година бил потпишан купопродажниот договор за Луизијана .
И покрај тоа што издал наредби преку 60 милиони франци да се потрошат за изградба на пет нови канали во Франција, Бонапарт целата сума сума ја потрошил за неговата планирана инвазија на Англија.[5]
Третата коалиција почнала да се создава во декември 1804 година кога бил потпишан англошведски договор со кој им се дозволува на Британците да ја користат Шведска Померанија како воена база против Франција (поточно за освојување на електоратот во Хановер, окупиран од Франција, татковина на британскиот монарх). Шведската влада ги прекинала дипломатските врски со Франција на почетокот на 1804 година по апсењето и погубувањето на Луј Антоан, војводата од Енгиен. Тој бил ројалистички емигрант вмешан (врз основа на сомнителни докази) во заговор за атентат против првиот конзул Бонапарт. Погубувањето на Енгиен ги шокирало аристократите од Европа.[6]
Поради стравот од зголемувањето на француската моќ, британскиот премиер Вилијам Пит 1804 и 1805 година ги поминал во дипломатски активности за формирање на нова коалиција против Франција. Пит успеал да ја придобие Русија како сојузник. Русија доминирала на Балтикот, а тоа било непријатно за Британија затоа што оттаму обезбедувала вредни производи како дрво, катран и коноп, кои биле клучни за нејзината Кралска морнарица. Исто така, Британија ја поддржувала Отоманската Империја во спротивставувањето Русија да добие излез на Медитеранот. И покрај меѓусебната недоверба, Британците и Русите на 11 април 1805 година потпишале договор за сојуз во Санкт Петербург.[7] Целта на Англорускиот сојуз била да се сведе Франција на нејзините граници од 1792 година. Австрија, Шведска и Неапол подоцна ќе се приклучат на овој сојуз, а Прусија повторно останала неутрална.
Во меѓувреме, Бонапарт успеал да ја консолидира својата политичка моќ во Франција. Во 1802 година бил прогласен за доживотен конзул (како награда за склучување мир со Британија), како и воспоставувањето на редот Легија на честа. Во мај 1804 година, Бонапарт бил прогласен за Наполеон, Цар на Французите и крунисан во Богородичната црква на 2 декември 1804 година. Тој, исто така, од своите најдобри генерали именувал осумнаесет Маршали на царството, со што ја стекнал верноста на армијата. Наполеон ја додал круната на (Северна) Италија кон својата мантија во мај 1805 година, со што традиционалната австриска сфера на влијание ја ставил под негово владеење. Австрија, која сакала да се одмазди за ова се приклучила на Третата коалиција.
Големата армија во Булоњ
[уреди | уреди извор]Пред создавањето на Третата коалиција, Наполеон ја составил Англиската армија (војска која требало да ја нападне Англија) од околу шест кампа во Булоњ во Северна Франција. Иако никогаш не стапнале на британска почва, трупите на Наполеон биле добро обучени за секаква можна воена операција. За да го подигне моралот Наполеон честопати ги посетувал и спроведувал паради.[8]
Војската од Булоњ била основата за она што Наполеон подоцна ќе го нарече La Grande Armée (Големата армија). На почетокот, оваа армија имала околу 200.000 луѓе распоредени во седум корпуси. Корпусот била голема теренска единици обично составена од 2 до 4 пешадиски дивизии, коњаничка дивизија и околу 36 до 40 топови [9] Покрај овие сили, Наполеон создал и коњаничка резерва од 22.000 војници распоредени во две дивизии, четири драгунски дивизии и две дивизии на лесна коњаница, сите поддржани од 24 артилериски оружја.[9] Во 1805 година, Големата армија броела 350.000 војници,[10] била добро опремена, соодветно обучена и поседувала квалификувани офицери.
Руски и австриски војски
[уреди | уреди извор]Руската армија во 1805 година имала многу одлики на воена организација на стариот поредок: немала постојана формација поголема од полк, високите офицери претежно биле регрутирани од аристократските кругови, а војниците (според практиката од 18 век) биле редовно тепани и казнувани за да се внесе дисциплина. Исто така, многу офицери на пониско ниво биле слабо обучени и го немале потребниот авторитет во битките. Но, Русите располагале со добро артилериско оружје управувано од војници кои напорно се бореле оружјето да не падне во рацете на непријателот.[11]
Надвојводата Карло, брат на австрискиот цар, започнал да ја реформира австриската армија во 1801 година.[12] Карло бил најдобриот австриски командант на терен,[13] но тој не бил популарен кај кралскиот двор. Карл Мак станал нов главен командант во австриската армија, и вовел реформи во пешадијата во предвечерието на војната. Секој полк требало да биде составен од четири баталјони од по четири чети, наместо претходните три баталјони од по шест чети. Поради промената имало проблеми со раководењето на единиците на бојното поле.[14] Австриските коњанички сили се сметале за најдобри во Европа.[14]
Русите сè уште го користеле јулијанскиот календар, а Австријците го прифатиле новиот Грегоријанскиот календар, и оваа разлика ќе доведе до катастрофални последици за двете армии. Наводно, настанала конфузија кога сојузничките сили треба да се здружат во битката кај Аустерлиц а Русите закаснале зошто се воделе според својот календар.[15] Сепак, ова се негира во современиот извештај на генерал-мајорот од австриската армија, кој пишува за заедничкото напредување на руските и австриските сили (во кој тој самиот учествувал) пет дена пред битката кај Аустерлиц,[16] и тоа е изречно отфрлено во Гецовата студија за битката.[17]
Улмска кампања
[уреди | уреди извор]Во август 1805 година, Наполеон ја пренасочил својата војска од Ла Манш кон Рајна за да се соочи со новите Австрискоруски закани. Војната на Третата коалиција започнала со Улмската кампања - серија од француски и баварс��и воени маневри и битки со цел да ја истиснат австриската армија раководена од генералот Мек.
Австриски планови и подготовки
[уреди | уреди извор]Генералот Мек сметал дека безбедноста на Австрија се заснова на блокирање на клисурите во Шварцвалд во Јужна Германија, каде што се случиле многу битки во Француските револуционерни војни. Мек верувал дека нема да има воена акција во централна Германија и решил градот Улм да го направи центар на неговата одбранбена стратегија, со цел да ги задржи француските трупи до доаѓањето на руските трупи на Кутузов, по што шансите за победа против Наполеон ќе бидат поголеми. Улм е заштитен со околните ридови Михелсберг, и Мек сметал дека градот е непробојлив со напад однадвор.[18]
Фатално, Ауличниот совет одлучил главните воени дејства за Хабсбурговците да бидат во Северна Италија. На надвојводата Карло му биле доделени 95.000 војници и бил пратен преку реката Адиџе со Мантова, Пешиера и Милано како првични цели.[19] На надвојводата Јохан му биле дадени 23.000 војници и му било наредено да го обезбеди Тирол кој требало да биде врска помеѓу неговиот брат Карло и неговиот братучед Фердинанд; Фердинанд со 72.000-на војска требало да ја нападне Баварија и да ја задржи одбранбената линија кај Улм, кој бил контролиран од Мак.[19] Австријците издвоиле посебни корпуси кои ќе им помагаат на Швеѓаните во Померанија и Британците во Неапол.
Француски планови и подготовки
[уреди | уреди извор]Во кампањите од 1796 и 1800 година, Наполеон француските воени напори ги насочувал кон подунавскиот театар, но и во двата случаи, италијанскиот театар станал најбитен за исходот на војната. Ауличниот совет сметал дека Наполеон повторно ќе ја нападне Италија. Наполеон имал други намери: 210.000 луѓе ќе се упатат на исток од камповите во Булоњ и ќе ја опколат австриска војска на генералот Мек ако таа продолжи да маршира кон Шварцвалд.[20] Во меѓувреме, маршал Мира ќе води коњички единици низ Шварцвалд за Австријците да помислат дека Французите напредуваат директно по линијата запад-исток. Главниот напад во Германија ќе биде поддржан од француските напади во другите театри: Масена ќе се соочи со Карло во Италија со 50.000 луѓе, Сент Сир ќе маршира до Неапол со 20.000 луѓе, а Брун ќе патролира околу Булоњ со 30.000 војници поради можна британска инвазија.[21]
Додека Мира демонстративно се движи низ Шварцвалд, другите француски сили ќе се насочат кон југоисток за да го заземат Аугсбург, по што Мак би бил изолиран, а австриските линии на комуникација ќе бидат прекинати.[21]
Француската офанзива
[уреди | уреди извор]На 22 септември, Мек одлучил да ја држи одбранбена линија на реката Илер во близина на Улм. На 26 септември Наполеон бил во Стразбур и веднаш започнал да пренесува војници преку Рајна. Во текот на последните три дена од септември, Французите брзо напредувале кон Австрија. Мек сметал дека Французите нема да влезат на пруска територија, но кога дознал дека првиот корпус на Бернадот поминал низ прускиот град Ансбах, тој ја носи судбоносната одлука да остане и да го брани Улм наместо да се повлече на југ, со што ќе спасел поголем дел од своите војници.[22] Наполеон имал малку точни информации за намерите или маневрите на Мек; тој знаел дека корпусот на Кинмаер бил испратен во Инголштат источно од француските позиции, но добил неточни информации за неговата големина.[23] Наполеон постепено сфаќал дека Австријците се стационирани во Улм и наредил голем дел од француската армија да се распореди околу Донаворт; на 6 октомври, три пешадиски и еден коњички корпус се упатиле кон Донаврт за да оневозможат бегството на Мек.[24]
Битката кај Вертинген
[уреди | уреди извор]Откако ја согледал опасноста од својата позиција, Мек решил да тргне во офанзива. На 8 октомври, ѝ наредил војската да се сконцентрира околу Гинзбург и се надевал дека ќе удри по линиите за врски на Наполеон. Мек му наложил на Кинмаер да го намами Наполеон на исток кон Минхен и Аугсбург. Наполеон се сомневал дека Мек може да побегне преку Дунав и да се оддалечи од својата централна база, но сфатил дека заземањето на мостовите во Гинзбург ќе му донесе голема стратешка предност.[25] Затоа, Наполеон го испратил Нејовиот корпус во Гинцбург, не знаејќи дека најголемиот дел од австриската армија се упатила кон истата дестинација. На 8 октомври во Вертингенсе одиграла првата посериозна битка од Улмската кампања откако се судриле трупите на Ауфенбург со тие на Мира и Лане.
Од нејасни причини, на 7 октомври, Мек му наредил на Ауфенбург да ја премести својата дивизија од 5.000 пешадија и 400 коњаници од Гунцбург во Вертинген како подготовка за повлекување на австриската војска од Улм.[26] Без засилување, Ауфенбург се нашол во тешка позиција. Првите француски единици кои пристигнале биле коњичките дивизии на Мира. Тие почнале да ги напаѓаат австриските позиции и набрзо биле поддржани од гранадирите од Удине, кои имале намера да ги заобиколат Австријците од север и запад. Ауфенбург се обидел да се повлече на југозапад, но не бил доволно брз, а Австријците ја изгубиле речиси целата дивизија, а 1.000 до 2.000 од нив биле заробени.[27] Битката кај Вертинген се покажала како лесна победа за Французите.
Борбите кај Вертинген го убедиле Мек да остане на левиот брег на Дунав и да не се повлекува директно на исток по десниот брег. За ова австриската војска била приморана да ја премине реката кај Гунцбург. На 8 октомври, Неј дејствувал по наредба на Берти, кој предложил директен напад на Улм следниот ден. Неј ја испратил третата дивизија на Мале да ги заземе мостовите на Дунав во близина на Гунцбург. Чета од оваа дивизија се судрила со тиролските ловци, и заробила 200 од нив.[28] Австријците ги забележале овие случувања и ги зајакнале своите позиции околу Гинзбург со три пешадиски баталјони и 20 топови.[28] Следувале жестоки борби и Французите конечно успеале да се утврдат на десниот брег од Дунав. Откако изгубил поголем дел од мостовите на Дунав, Мек со својата војска се вратил во Улм.
Битките кај Хаслах-Јунинген и Елхинген
[уреди | уреди извор]Деморализираната австриска армија пристигнала во Улм во раните утрински часови на 10 октомври. Во меѓувреме, Наполеон сметал дека Австријците се движат кон исток или југоисток и дека Улм не е добро чуван. Неј ја почувствувал оваа заблуда и му напишал на Берти дека всушност Улм е позаштитен отколку што првично мислеле Французите.[29]
32-от пешадиски полк од дивизијата на Дипон се движел од Хаслах кон Улм и налетал на четири австриски полкови кои го бранеле Болфинген. 32-oт полк неколкупати жестоко ги нападнал Австријците но тие ги одбиле сите напади. Австријците се упатиле кон Јунгинген, за да го поразат корпусот на Неј и потоа да ја опколат војската на Дипон. Дипон сватил што се случува и ги спречил Австријците со еден изненаден напад врз Јунгинген при што биле заробени најмалку 1.000војници.[30] Поради новите австриски напади французите се вратиле во Хаслах, и успеале да го одбранат. Дипон на крајот бил принуден да се врати на Албек, каде што им се приклучил на трупите на д'Хилие. Не е познато на кој начин битката кај Хаслах-Јунинген влијаела врз плановите на Наполеон, но царот можеби конечно сватил дека поголемиот дел од австриската војска е сконцентрирана во Улм.[31] Затоа, Наполеон го испратил корпусот на Соулт и Мармонт кон Илер за да се соочи со Мек; Давут, Бернадот и Баварците сè уште го штителе регионот околу Минхен.[31] Наполеон не сакал да води битка преку реките и им наредил на своите маршали да ги заземат важните мостови околу Улм. Тој, исто така, започнал да ги префрла своите сили северно од Улм зат��а што очекувал битка во тој регион.[32]
Во овој период од кампањата, австрискиот команден штаб бил во целосен хаос. Фердинанд почнал отворено да се спротивставува на стилот на команда и одлуки на Мек, обвинувајќи го дека троши време за давање контрадикторни наредби што ја тера австриската армија да маршира напред-назад.[33] На 13 октомври, Мек испратил две чети вон Улм за да помогнат во пробивот кон север: едната под водство на генерал Рајш се упатила кон Елхинген за да го штити тамошниот мост, а другата под команда на Вернек со поголемиот дел од тешката артилерија се упатила на север.[34] Неј со својот корпус се упатил нанапред за повторно да воспостави врска со Дупон. Неј своите трупи ги предводел јужно од Елхинген на десниот брег на Дунав и го започнал нападот. Полето било делумно пошумена рамнина, која стрмно се издигала до ридскиот град Елхинген, од каде што видното поле било одлично.[35] Французите ги расчистиле австриските барикади и еден полк смело ја нападнал и ја зазел опатијата на врвот на ридот. Австриската коњица била исто така поразена, а пешадијата од Риш побегнала; Неј ја добил титулата „војвода од Елхинген“ за неговата победа.[36]
Битката кај Улм
[уреди | уреди извор]На 14 октомври 1805, силите на Мира му се придружиле на Дипон кај Албек и го одбиле австрискиот напад; здружените сили ги победиле Австријците северно во правец на Хајденхајм. Ноќта на 14-ти, два француски корпуса биле стационирани во близина на австриските кампови кај Михелсберг, во предградието на Улм.[37] Мек веќе не можел да избега по северниот брег, Мармонт и царската гарда биле на периферијата на Улм јужно од реката, а Соулт доаѓал од Меминген за да ги спречи Австријците да побегнат на југ кон Тирол.[37] Фердинанд наредил евакуација на целата коњаница од Улм, вкупно 6.000 војници.[38] Меѓутоа, потерата на Мира била делотворна и само единаесет ескадрили му се придружиле на Вернек во Хајденхајм.[38] Мира го принудил на Вернек да се предаде со 8.000 луѓе во Трохтелфингтен на 19 октомври; Мира, исто така, заробил цел австриски возен парк од 500 возила, а потоа тргнал кон Нојштат и заробил 12.000 Австријци.[38]
Настаните во Улм сега привршувале. На 15 октомври, трупите на Неј успешно ги нападнале камповите во Михелсберг, а на 16-ти Французите почнале со бомбардирање на Улм. Австријците биле деморализирани и Мек сфатил дека нема надеж за да се спасат. На 17 октомври, Наполеоновиот емисар, Сегур, потпишал конвенција со Мек во која Австријците се согласиле да се предадат на 25 октомври доколку дотогаш не стигне помош.[38] До Мек стигнале информаците за капитулациите во Хајденхајм и Нерешајм и се согласил да се предаде пет дена пред договореното на 20 октомври. 10.000 војници од австрискиот гарнизон успеале да побегнат, но огромното мнозинство од австриските сили на 21-ви излегле од градот и го положиле оружјето без инциденти.[38]
Битката кај Трафалгар
[уреди | уреди извор]Кога Третата коалиција ѝ објавила војна на Франција по краткотрајното примирје од Амјен, Наполеон Бонапарт бил решен да ја нападне Британија. Затоа, тој морал да ја спречи Кралската морнарица да стигне до Ла Манш.
Француските флоти биле сконцентрирани во Брест во Бретања и во Тулон на брегот од Средоземното Море. Освен тоа, Франција и Шпанија биле сојузници, па на располагање била и шпанската флота со седиште во Кадис и Ферол.
Планот на Наполеон во 1805 година бил француската и шпанската флота во Медитеранот и Кадис да ја пробијат блокадата и да се здружат во Западните Инди. Потоа ќе се вратат за да ѝ помогнат на флотата во Брест да ја пробие блокадата и заедно ќе го расчистат Англискиот канал од бродовите на Кралската морнарица, за да можат француските бродови да го извршат планираниот напад.
Западни Инди
[уреди | уреди извор]На почетокот од 1804 година, адмиралот Хорацио Нелсон командувал со британската флота која го блокирала Тулон. Нелсон применил тактика на лабава блокада за да ги намами Французите во битка. Сепак, флотата на Вилнев успеала да ѝ побегне на флотата на Нелсон откако Нелсоновите бродови биле зафатени од бура. Вилнев поминал низ Гибралтарскиот Проток, се сретнал со шпанската флота и отпловил според планот до Западните Инди. Откако Нелсон сфатил дека Французите го преминале Атлантскиот Океан, тргнал во потера. Адмиралите од тоа време, поради бавноста на комуникациите, имале автономија во носењето на стратешки, но и тактички одлуки.
Кадис
[уреди | уреди извор]Вилнев се вратил од Западните Инди во Европа, за да ја пробие блокадата во Брест, но откако два од неговите шпански бродови биле заробени за време на битката кај Кејп Финистер, Вилнев се откажал од планот и отпловил кон Ферол.
За да ја нападне Англија, Наполеон морал да има доволно бродови пред Булоњ. Затоа флотата на Вилнев од 32 бродови требало да се приклучи на флотата од 21 брод на вицеадмиралот Гантоум во Брест, и заедно со ескадрилата од пет бродови на капетанот Алеман, би достигнале флота од 58 бродови.
Откако Вилнев испловил од Ферол на 10 август, Наполеон му наредил да се движи на север кон Брест. Загрижен дека Британците ќе го следат, на 11 август Вилнев тргнал на југ кон Кадис (на југозападниот брег на Шпанија). На 26 август, флотата на Вилнев не била пристигната во Брест, па француските армиски корпуси во близина на Булоњ кои требало да ја нападнат Англија, го растуриле кампот и тргнале кон Германија.
Во Англија на 2 септември стигнала веста за здружената француско-шпанска флота во Кадис. На 15 септември, Нелсон со својот брод Победа испловил од Англија каде што дотогаш бил на заслужен одмор.
На 15 август, Корнволис одлучил да одвои 20 бродови од флотата што го чувала Гибралтарскиот Проток и да се упатат на југ за да ги нападнат непријателските сили во Шпанија. Поради ова на Гибралтар останале само единаесет брода. Оваа одвоена флота ќе го сочинува јадрото на британската флота што ќе се бори кај Трафалгар. Нелсон се приклучил на флотата на 29 септември и ја презел командата.
Британската флота користела фрегати за да внимава на пристаништето, а главната сила била вон видното поле на 80 км западно од брегот. Пристаништето го чувале седум бродови.
Судир
[уреди | уреди извор]Битката се одвивала според планот на Нелсон. Во 11:45, Нелсон го испрати сигналот за знамето: „Англија очекува дека секој човек ќе си ја заврши должноста“.[39]
Во битката 27 воени бродови предводени од адмиралот Хорацио Нелсон ги победиле 33-те француски и шпански бродови предводени од францускиот адмирал Пјер Вилнев. Битката се одиграла на југозападниот брег на Шпанија, кај Кадис, близу ‘ртот Трафалгар. Поразената флота на французите и шпанците изгубила вкупно 22 брода, а победниците ниту еден.
Нелсон применил една нова тактика, наместо да ја постави флотата паралелно со противничката, тој ја поставил нормално на неа и со тоа се здобил со предност и покрај бројната надмоќ на непријателот.
Нелсон бил смртно ранет во битката, но останал како најголем поморски воен херој на Британија. Адмиралот Пјер Вилнев бил заробен заедно со неговиот брод Букентаур. Шпанскиот адмирал Федерико Гравина избегал со остатокот од флотата, но починал по неколку месеци од раните здобиени во битката.
Битката кај Аустерлиц
[уреди | уреди извор]Вовед во битката
[уреди | уреди извор]По битката кај Улм, на 20 октомври 23.000 австриски војници се предале на Наполеон, а бројот на австриски затвореници се искачил на 60.000.[40] Оваа победа на Наполеон била засенета со поразот на француско-шпанската флота во битката кај Трафалгар.[41] Сепак, Французите продолжиле да напредуваат на копно; а на 13 ноември Австријците без отпор ја предале Виена на Французите.
По поразот на австриската војска во Улм, австриската армија се повлекла кон Виена, а руската војска под команда на генералот Михаил Кутузов исто така се повлекла на исток и на 22 октомври 1805 стигнала до реката Ил. Таму се здружиле со корпусот на Кинмаер кој што се повлекувал. На 7 ноември, Русите стигнале до Сент Пелтен, а потоа на 9 ноември ги уништиле мостовите преку Дунав.
По Биката кај Холабрун, австриската војска се собрала на рамнината источно од Брно. Откако Наполеон дознал дека сојузниците преминале во офанзива, почнал активно да се подготвува за претстојната битка. За да добие на време за пристигнување на дополнителни трупи, Наполеон испратил свој намесник, кој барал лично да се сретне со рускиот цар и понудил 24 часовно примирје.[42] Барањата биле одбиени, но поради бавното движење на сојузничките сили, Наполеон добил доволно време. Наполеон од височинка можел лично да го набљудува приближувањето на непријателската војска до бојното поле (28, 29, 30 ноември).
Наполеон располагал со околу 72.000 војници и 157 топа за претстојната битка, а војската на Давут била далеку на југ во правец на Виена.[40] [43] Сојузниците имале околу 85.000 војници, седумдесет проценти од нив Руси и 318 топови.[40]
Бојно поле
[уреди | уреди извор]Битката се одиграла на десет километри југоисточно од градот Брно, помеѓу тој град и Аустерлиц во денешна Чешка. На северниот дел од бојното поле се истакнувал ридот Сантон со 210 метри и ридот Журан висок 270 метри, и од двата рида можел да се надгледува важниот пат Оломоуц - Брно, кој се протегал во правец исток - запад.[44]
Сојузнички планови и распоредување
[уреди | уреди извор]Советот на сојузниците се состанал на 1 декември за да се разгледаат предлозите за битката. Сојузничките стратези имале две клучни идеи: да се соочат со непријателот и да го осигураат јужното крило кое водело кон Виена. Иако рускиот цар со својата непосредна придружба притискале за отпочнување на битка, австрискиот император Франц бил повнимателен и бил поддржан од Кутузов, главниот руски командант.[45] Притисокот за борба од руските благородници и австриските команданти, сепак, преовладал и сојузниците го усвоиле планот на австрискиот началник на Генералштабот Вејротер.[45] Според него требало да се нападне француското десно крило, за кое сојузниците забележале дека е недоволно заштитено, и да се направат диверзантски напади против француското лево крило. Сојузниците најголем дел од своите сили распоредиле во четири чети кои ќе ја нападнат француската десница. Руската царска гарда била резерва за руските трупи кои под команда на Багратион ја штителе сојузничката десница.
Француски планови и распоредување
[уреди | уреди извор]Неколку дена пред борбата, Наполеон на сојузниците им оставил впечаток дека неговата армија е ослабната и дека сака да преговара за мир.[46] Всушност, тој се надевал дека тие ќе нападнат, а за да ги поттикне на ова, намерно го ослабнал своето десно крило.[47] На 28 ноември, Наполеон се сретнал со своите маршали во Царскиот штаб и тие го известиле за нивните недоумици и стравови во врска со претстојната битка, а сугерирале и повлекување, но тој ги отфрлил нивните предлози.[48] Планот на Наполеон претпоставувал дека австриската команда ќе се обиде да го отсече од комуникациската врска со Виена.[49] За да го направат тоа, сојузниците требало да го опколат неговото десно крило, но затоа централното и левото крило на сојузниците ќе бидат многу ранливи. Во меѓувреме, за да го поддржи своето слабо десно крило, Наполеон му наредил на III корпус на Давут да дојде од Виена и да им се придружи на луѓето на генералот Легранд, кои го држеле крајното јужно крило кое ќе го поднесе нападот на сојузниците. Војниците на Давут имале 48 часа за да поминат 110 км. Нивното доаѓање би било клучно за исходот на францускиот план.
Битка
[уреди | уреди извор]Битката започнала околу 8 часот кога првите сојузнички линии го нападнале селото Телниц, брането од Третиот линиски полк. Овде се воделе тешки борби. Во тоа време пристигнале првите луѓе од корпусот на Давут и ги исфрлиле сојузниците од Телниц пред и тие да бидат нападнати од хусари и повторно да го напуштат градот.[50]
Сојузничките чети почнале да ја напаѓаат француската десница, но не биле доволно брзи, па Французите биле претежно успешни во одбивање на нападите. Всушност, сојузничките единици биле лошо распоредени, а акциите лошо темпирани: коњичките одреди под команда на Лихтенштајн од сојузничкото лево крило биле преместени на десното крило и во преместувањето налетале и забавиле дел од втората пешадиска чета која напредувала кон француската десница.[48] Во меѓувреме, најистурените единици од втората чета го нападнале селото Соколниц, брането од 26-от лесен полк на Французите. Почетните сојузнички напади биле неуспешни и генералот Лангерон наредил бомбардирање на селото. Канонадата ги принудила Французите да го напуштат селото, а речиси истовремено, третата чета го нападнала замокот Соколниц. Французите во контранапад го вратиле селото, за подоцна повторно да бидат исфрлени од него. Борбите во оваа област привремено завршиле кога дивизијата на Фриант (дел од III корпус) повторно го зазел селото. Соколниц бил од стратешка важност на бојното поле, а контролата врз селото се менувала неколку пати во текот на денот.[51]
„Еден брз удар и војната ќе заврши“
[уреди | уреди извор]Околу 8:45 часот наутро, конечно задоволен од слабоста во непријателскиот центар, Наполеон го прашал Соулт колку време ќе им треба за да стигнат до Пратцен. На тоа маршалот одговорил: „Помалку од дваесет минути, господине“. Околу 15 минути подоцна, Наполеон наредил напад, додавајќи: „Еден брз удар и војната ќе заврши“.[52]
Густата магла ѝ овозможила на француската дивизија неприметно да напредуваат.[53] Руските војници и команданти на врвот од височинката биле запрепастени кога виделе колку многу француски војници им се приближуваат.[42] Сојузничките команданти преместиле некои одреди за да им помогнат во жестоката борба. По едночасовни борби голем дел од оваа единица бил уништен. Преостанатите војници, претежно неискусни Австријци, биле принудени да се повлечат по падините. На север, дивизијата под команда на генералот Вандам ја нападнала областа наречена Старе Винохради („Стари лозја“) и разбила неколку сојузнички баталјони.[54]
Французите стекнале огромна предност, но битката не била завршена. Наполеон му наредил на првиот корпус под команда на Бернадот да ја поддржи левата страна на Вандам и својот команден центар го преместил од ридот Журан во капелата Свети Антониј на височинката Пратцен. Сојузниците, кога увиделе дека се наоѓаат во тешка положба, одлучиле да ја испратат руската царска гарда со која командувал Големиот војвода Константин, брат на царот Александар. Тие во контранапад се судриле со силите на Вандам, и го поразиле. Насетувајќи проблеми, Наполеон ѝ наредил на својата тешка коњаница да тргне во напад. Коњаницата на Наполеон ги збришале Русите, но од обете страни се придодавале уште коњаници, и не се знаело кој ќе победи.
Русите биле побројни, но набрзо на французите им се придружила дивизијата на Друе. Коњичката артилерија на француската гарда ѝ нанела тешки загуби на руската коњаница. Русите биле разбиени, а многумина од нив загинале додека биле гонети од француската коњаница.[53] Во битката на Пратцен тешко бил ранет Кутузов, а неговиот зет Фердинанд фон Тиезенхаузен бил убиен.[49]
Крајна игра
[уреди | уреди извор]Во меѓувреме, на најсеверниот дел од бојното поле се воделе тешки борби. Тешката коњаница на Принцот од Лихтенштајн почнала да ја напаѓа лесната коњица на Келерман откако успеала правилно да се позиционира на теренот. ��илите на Келерман се засолниле зад пешадиската дивизија на генералот Кафарели откако им станало јасно дека Русите се бројчано надмоќни. Војската на Кафарели ги запрела руските напади. Следела долга и лута борба, но Французите победиле на крајот. V корпус на Французите по тешките борби успеал да ги натера трупите на Багратион да се повлечат од теренот.[55]
Наполеон својот фокус го насочил кон јужниот дел од бојното поле каде што Французите сè уште се бореле со сојузниците за контрола на Соколниц и Телниц. Непријателот бил разбиен кај Соколниц и сојузниците побегнале од селото.[55]
Кај сојузничката војска завладеала општа паника и почнале да бегаат во сите правци. За време на повлекувањето руските сили кои биле поразени од француската десница се повлекувале на југ кон Виена преку замрзнатото блато Сатшан. Француската артилерија започнала да ги бомбардира трупите и притоа се скршил мразот. Многу војници се удавиле во студеното блато, а потонале и десетици руски артилериски орудија.[56] Многу давеници биле спасени од нивните непријатели.[42] Меѓутоа, доказите на лице место, кои подоцна биле објавени во јавноста, наведуваат дека пресметката на Наполеон за катастрофата била најверојатно преувеличена; по негова инструкција, езерата биле исушени неколку дена по битката и биле пронајдени трупови на два-три војници и околу 150 коњи. Сепак, царот Александар I го потврдил инцидентот по војните.[57][58]
Италијански кампањи
[уреди | уреди извор]Венецијански фронт или италијанска кампања од 1805 година
[уреди | уреди извор]Во меѓувреме, во Италија, австриската Армија од Италија под команда на надвојводата Чарлс се борела против француската Италијанска армија под водство на маршалот Масена. Французите успеале да воспостават контрола врз стратешки значаен мост на реката Адиџе во Верона на 18 октомври, а потоа во битката кај Калдиеро (29 - 31 октомври 1805) помалубројните Французи ја поразиле супериорната австриска војска. Во ноември, Австријците се повлекле.
Хабсбуршката војска од 4.400 војници која се задржала во Италија, ��ила поразена и заробена од Жан Рејние и Лоран де Гувион Сен Сир во битката кај Кастелфранко Венето на 24 ноември 1805 година.
Англо-руска окупација на Неапол
[уреди | уреди извор]Француските сили под команда на Сен Сир потоа се упатиле кон границата на Кралството Неапол. Французите биле внимателно набљудувани од англо-руските сили кои требало да го бранат кралството. По битката кај Аустерлиц, Русите се повлекле од Италија, а Британците, не сакајќи сами да го бранат Неапол се повлекле на Сицилија. Во меѓувреме, француските сили, стационирани во тој момент во Болоња, биле ставени под команда на братот на Наполеон, Жозеф Бонапарт. Но, фактички командант бил Андре Масена, кој командувал со I корпус и кому Жозеф му ја доверил инвазијата.
Француска инвазија на Неапол
[уреди | уреди извор]На 9 февруари 1806 година, Масена го нападнал Кралството Неапол, а два дена подоцна, бурбонскиот крал на Неапол, Фердинанд IV побегнал на Сицилија, под заштита од британската флота. Неапол паднал во рацете на Французите и до крајот на февруари, само две места во кралството останале неосвоени. Тоа бил�� утврдениот град Гаета, северно од Неапол, и Калабрија на самиот југ од Италија, каде што бил стациониран остатокот од Кралската неаполска армија.
Фердинанд се надевал дека настаните од 1799 година ќе се повторат. Тогаш народното востание во Калабрија предизвикало пад на Партенопската Република (француска сестринска држава основана по поразите на Наполитанците за време на Војната на Втората коалиција. Сепак, таков бунт немало и на 3 март, генералот Жан Рејние, кој командувал со 10.000-на војска од Армијата на Неапол, ја нападнал Калабрија. Само неколку Калабријци се спротивставиле на француските сили и на 10 март 1806 година Кралската неаполска армија била тешко поразена во битката кај Кампо Тенезе. Фердинанд морал да го отстапи наполитанскиот престол на Французите. Еден ден по битката кај Кампо Тенезе, Жозеф бил прогласен за нов крал на Неапол. Последните трупи од неаполската армија веќе побегнале на Сицилија, а Французите ја имале под контрола цела копнена Италија, освен тврдината Гаета, која била под опсада од 26 февруари.[59] Гаета се предала на 18 јули, а инвазијата завршила со победа на Французите.
Калабриско востание
[уреди | уреди извор]Сепак, не одело сè по планот за Французите. Повеќе од месец дена, селаните од регионот ја хранеле неаполската војска и речиси гладувале. Жозеф не бил запознат со проблемите и можноста за бунт. Затоа и не испратил намирници на југот од Италија. Рејние ги запленил залихите со храна од месното население, по што тоа се кренало на бунт кон крајот на март. Бунтот започнал со мали партизански групи, и на крајот се проширил во цели села кои се кревале против Французите. Со оглед на тоа што тврдината Гаета сè уште не била освоена, Жозеф не можел да испрати дополнителни војници во Калабрија, а Рејние бил принуден во својата војска да регрутира сили од месното население од поголемите градови и паланки.[59]
Имајќи предвид дека Рејние во Калабрија со мала војска се справува со бунтот, Британците организирале експедициски сили под команда на Џон Стјуарт за да спречат потенцијална инвазија на Сицилија и ако можат да предизвикаат бунт против Французите низ цела Италија. По првичните успеси на Британците, тие не му дале дополнителни трупи на Стјуарт, а не се обиделе да ја олеснат опсадата на Гаета. Француската артилерија конечно можела да ги бомбардира ѕидините со својот цел потенцијал, и Наполитанците на 18 јули се предале, а корпусот на Масена бил ослободен за други ангажмани.[60]
По паѓањето на Гаета, Жозеф му наредил на Масена да му помогне на Рејние против Британците и Калабриското востание. Британците се повлекле во Сицилија. Но, во 1807 бунтот сè уште не бил задушен, а Масена побарал дозвола да ја откаже командата. За прв пат во Наполеоновите војни, Французите биле цел на брутална герилска војна од страна на бунтовното население. Французите сватиле дека единствен ефикасен начин за справување со такво востание е да се спроведат терористички тактики кои ги користел Рејние. Ова ги навестило истите проблеми со кои Французите, а особено Жозеф Бонапарт, ќе се соочат во Шпанија за време на Полуостровската војна.
Аустерлиц и претходната кампања радикално ја промениле природата на европската политика. За три месеци, Французите ја окупирале Виена, десеткувале две војски и ја понижиле Австриската Империја. Овие настани не соодветствуваат со крутите структури на моќ од 18-тиот век, кога ниту еден голем европски главен град не бил под контрола на непријателска војска. По Аустерлиц следела скоро еднодецениска француска доминација на европскиот континент, но непосредно влијаела да ја поттикне Прусија да влезе во војна во 1806 година.
Франција и Австрија на 4 декември склучиле примирје, а според Договорот од Пожуна 22 дена подоцна Австрија излегла од војната. Австрија ги признала за француски териториториите заземена со договорите од Кампо Формио (1797) и Луневил (1801), се согласила да ѝ отстапи земја на Баварија, Виртемберг и Баден, кои биле германски сојузници на Наполеон, и да плати 40 милиони франци воени обесштетувања. Венеција му била дадена на Кралството Италија. Тоа било суров крај за Австрија, но не и катастрофален мир. На руската армија ѝ било дозволено да се повлече на сопствена територија, а Французите ја запоседнале Јужна Германија.
Во јули 1806 година, Наполеон го создал Рајнскиот Сојуз, мноштво германски марионетски држави кои при стапувањето во сојуз со Франција се обврзале да соберат армија од 63.000 луѓе. Со Наполеон како нивен „заштитник“, сојузните држави биле принудени да го напуштат Светото Римско Царство, кое било распуштено набргу потоа.[61] Прусија, како главна сила на Средна Европа, била навредена од сето ова и започнала војна со Франција во 1806 година.
Во Италија, политичката ситуација останала непроменета до 1815 година. Британските и сицилијанските трупи го чувале бурбонскиот крал Фердинанд на Сицилија, а Наполеоновиот крал на Неапол ја имал котролата врз континентална Италија. Во 1808 година, Жоашен Мира станал крал на Неапол, откако Жозеф Бонапарт станал крал на Шпанија.
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ For the diplomatic history see Paul W. Schroeder, The Transformation of European Politics 1763–1848 (1996). pp 210–86
- ↑ Chandler p. 304.
- ↑ Chandler p. 320.
- ↑ Herring, p. 101.
- ↑ Thomas J. Fleming (26 June 2003). The Louisiana Purchase. John Wiley and Sons. стр. 129–. ISBN 978-0-471-26738-6. Посетено на 19 December 2011.
- ↑ Either Antoine Boulay de la Meurthe (The Oxford Dictionary of Quotations), a deputy from Meurthe in the Corps législatif, or Bonaparte's chief of police, Joseph Fouché (John Bartlett, Familiar Quotations, 10th ed. (1919)), said about his execution "C'est pire qu'un crime, c'est une faute", a statement often rendered in English as "It was worse than a crime; it was a blunder." The statement is also sometimes attributed to French diplomat Charles Maurice de Talleyrand-Périgord. Sometimes the quote is given as, "It was worse than a crime; it was a mistake."
- ↑ Chandler p. 328.
- ↑ Chandler p. 323.
- ↑ 9,0 9,1 Chandler p. 332.
- ↑ Chandler p. 333.
- ↑ Fisher & Fremont-Barnes p. 33.
- ↑ Fisher & Fremont-Barnes p. 31.
- ↑ Uffindell p. 155.
- ↑ 14,0 14,1 Fisher & Fremont-Barnes p. 32.
- ↑ Chandler, David G (1 March 1973). „From the Rhine to the Danube“. The Campaigns of Napoleon. New York: Scribner. стр. 383. ISBN 0-02-523660-1.
- ↑ Stutterheim, Karl; Pine-Coffin, John (trans.) (1807). A Detailed Account of The Battle of Austerlitz. London: Goddard. стр. 44.
- ↑ Robert Goetz, 1805: Austerlitz: Napoleon and the Destruction of the Third Coalition (Greenhill Books, 2005)
- ↑ Fisher & Fremont-Barnes p. 36.
- ↑ 19,0 19,1 Chandler p. 382.
- ↑ Chandler p. 384.
- ↑ 21,0 21,1 Chandler p. 385.
- ↑ Kagan p. 389.
- ↑ Kagan p. 393.
- ↑ Kagan p. 397.
- ↑ Kagan p. 400.
- ↑ Kagan p. 402.
- ↑ Kagan p. 404.
- ↑ 28,0 28,1 Kagan p. 408.
- ↑ Kagan p. 412.
- ↑ Kagan p. 415.
- ↑ 31,0 31,1 Kagan p. 417.
- ↑ Kagan p. 420.
- ↑ Kagan p. 421.
- ↑ Fisher & Fremont-Barnes pp. 39–40.
- ↑ Fisher & Fremont-Barnes p. 40.
- ↑ Fisher & Fremont-Barnes p. 41.
- ↑ 37,0 37,1 Chandler p. 399.
- ↑ 38,0 38,1 38,2 38,3 38,4 Chandler p. 400.
- ↑ „Nelson and His Navy – England or Nelson?“. Historical Maritime Society. Архивирано од изворникот на 28 September 2006. Посетено на 12 September 2006.
- ↑ 40,0 40,1 40,2 Uffindell.
- ↑ Tibbetts 2016.
- ↑ 42,0 42,1 42,2 Chandler 1966.
- ↑ David Nicholls, Napoleon: a biographical companion pp. 9–10.
- ↑ Chandler pp. 412–413.
- ↑ 45,0 45,1 Chandler p. 416.
- ↑ McLynn p. 342.
- ↑ Brooks, ed. p. 109.
- ↑ 48,0 48,1 Fisher & Fremont-Barnes p. 48.
- ↑ 49,0 49,1 Lê Vinh Quốc, Nguyễn Thị Thư, Lê Phụng Hoàng, pp. 154–160
- ↑ Fisher & Fremont-Barnes pp. 48–49.
- ↑ Fisher & Fremont-Barnes p. 49.
- ↑ Uffindell p. 21.
- ↑ 53,0 53,1 Fisher & Fremont-Barnes 2004.
- ↑ Fisher & Fremont-Barnes pp. 49–50.
- ↑ 55,0 55,1 Fisher & Fremont-Barnes p. 52.
- ↑ Abbott, John S.C. (1888). „Chapter XXXL: Austerlitz“. Во Low, Sampson; Abbot Mead, Susan (уред.). The History of Napoleon Bonaparte (англиски). L (3. изд.). London, United Kingdom of Great Britain: Harper & Brothers Publishers. стр. 475–486 – преку Internet Archive.
- ↑ Rose, J. Holland (1 July 1902). Poole, Reginald L. (уред.). „The Ice Incident at the Battle of Austerlitz“ (PDF). The English Historical Review (англиски). Oxford University Press (OUP)/Longmans, Green & Company, Limited/Johnson Reprint Corporation Limited. XVII (67): 537–538. doi:10.1093/ehr/XVII.LXVII.537. ISSN 0013-8266. JSTOR 00138266. LCCN 05040370. OCLC 474766029.
- ↑ Spring, Laurence, "Russian Grenadiers and Infantry, 1799-1815", Osprey Publishing 2002
- ↑ 59,0 59,1 Finley, Milton C. Jr. (April 1976). „Prelude to Spain: The Calabrian Insurrection, 1806–1807“. Military Affairs. 40 (2): 84–87. doi:10.2307/1987151. JSTOR 1987151. Грешка во наводот: Неважечка ознака
<ref>
; називот „calabria“ е зададен повеќепати со различна содржина. - ↑ Masséna & Koch, pp. 194–251.
- ↑ Eric Dorne Brose, German History, 1789–1871. From the Holy Roman Empire to the Bismarckian Reich, Berghahn Books, 2008 (paperback edition), p. 51.
Извори и дополнителна литература
[уреди | уреди извор]- Bodart, G. (1916). Losses of Life in Modern Wars, Austria-Hungary; France. ISBN 978-1371465520.
- Brooks, Richard, уред. (2000). Atlas of World Military History. London: HarperCollins. ISBN 0-7607-2025-8.
- Chandler, David G. (1995). The Campaigns of Napoleon. New York: Simon & Schuster. ISBN 0-02-523660-1.
- Dupuy, Trevor N. (1993). Harper Encyclopedia of Military History. New York: HarperCollins. ISBN 0-06-270056-1.
- Fisher, Todd; Fremont-Barnes, Gregory (2004). The Napoleonic Wars: The Rise and Fall of an Empire. Oxford: Osprey Publishing. ISBN 1-84176-831-6.
- Kagan, Frederick W. (2006). The End of the Old Order. Cambridge: Da Capo Press. ISBN 0-306-81137-5.
- Knight. Roger. Britain Against Napoleon: The Organisation of Victory. 1793–1815 (2013)
- Masséna, André; Koch, Jean Baptiste Frédéric (1848–50). Mémoires de Masséna (француски). V. Paris: Paulin et Lechevalier. Посетено на 20 May 2009.
- McLynn, Frank (1997). Napoleon: A Biography. New York: Arcade Publishing. ISBN 1-55970-631-7.
- Schroeder, Paul W. (1996). The Transformation of European Politics 1763–1848. Oxford U.P. стр. 210–86. ISBN 9780198206545., diplomatic history of Europe
- Schneid, Frederick C. Napoleon's conquest of Europe: the War of the Third Coalition (Greenwood, 2005).
- Uffindell, Andrew (2003). Great Generals of the Napoleonic Wars. Kent: Spellmount. ISBN 1-86227-177-1.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Maude, Frederic Natusch (1911). . Encyclopædia Britannica. 19 (11. изд.). стр. 212–236.
Грешка во наводот: Има ознаки <ref>
за група именувана како „б“, но нема соодветна ознака <references group="б"/>
.