Виндзорски замок
Виндзорски замок | |
---|---|
Windsor Castle | |
Виндзор, Беркшир, | |
Windsor Castle at Sunset - Nov 2006.jpg Горниот двор и Кружната кула гледани од големиот парк во Виндзор | |
Тип | Три дворишта со донжон кула |
Координати | 51°29′0″N 00°36′15″W / 51.48333° СГШ; 0.60417° ЗГД |
Градежни материјали |
Камен од Свинли шумата |
Во употреба | Крај на 11-ти век – денес |
Тековен сопственик |
Елизабета II во име на Круната |
Отворен за јавноста |
Ограничен пристап |
Настани |
Виндзорски замок (англиски: Windsor Castle) — кралска резиденција на британските монарси во Виндзор во англиската грофовија Беркшир. Овој замок е познат како една од трите официјални резиденции на британското кралско семејство.
Оригиналниот замок бил изграден во 11-ти век по норманската инвазија на Англија од страна на Вилијам Освојувачот. Замокот непрекинато се користи уште од времето на Хенри I (кој владеел од 1100–1135), и е најдолго користен замок во Европа. Во рамките на ѕидините на замокот се наоѓа капелата Св. Џорџ, која според историчарот Џон Мартин Робинсон е „едно од врвните достигнувања на англискиот праволиниски готски дизајн“.[1]
Замокот бил изграден за да се заштити норманската доминација во периферијата на Лондон и за да се надгледува стратешки важен дел од реката Темза. Замокот Виндзор бил изграден на вештачки насип со три дворишта околу централната тумба. Подоцна, околу него постепено биле додавани камени утврдувања. Замокот ја издржал долготрајна опсада за време на Првата баронска војна на почетокот на 13. век. Хенри III изградил луксузна кралска палата во замокот во средината на 13 век, а Едвард III ја обновил палатата кон што додал и многу градби во „најскапиот секуларен градежен потфат во средниот век во Англија". [2] Таквиот дизајн на Едвард опстојал низ целиот Тјудоров период, а во тоа време Хенри VIII и Елизабета I сè повеќе го користеле замокот како кралски двор и центар за дипломатска забава.
Замокот Виндзор го преживеал бурниот период на Англиската граѓанска војна, кога бил користен како воен штаб на парламентарните сили и како затвор за Чарлс I. При возобновувањето на монархијата во 1660 година, Чарлс II обновил голем дел од замокот Виндзор со помош на архитектот Хју Меј, и тогаш биле создадени многу екстравагантни барокни ентериери. Откако одреден период бил запоставен, Џорџ III и Џорџ IV ја реновирале и ја обновиле палатата на Чарлс II во текот на 18 век. Биле потрошени многу пари, а државните апартмани го добиле денешниот изглед, полни со рококо, готски и барокен мебел. Кралицата Викторија направила неколку мали промени во замокот, кој станал центар за кралска забава во поголемиот дел од нејзиното владеење. Замокот Виндзор бил користен како засолниште за кралското семејство за време на бомбардирањето на Луфтвафе во Втората светска војна и преживеал и пожар во 1992 година. Замокот Виндзор е популарна туристичка атракција, место каде се пречекуваат државници од други земји, а кралицата Елизабета II го претпочита како свој дом за време на викендите.