Прејди на содржината

Боро Менков

Од Википедија — слободната енциклопедија
Боро Менков
Роден 5 мај 1919
Куманово
Починал 14 октомври 1941
Белановце

Боро Менков (Куманово, 5 мај 1919 - кај с. Белановце, Кумановско, 14 октомври 1941) — македонски комунист, учесник во НОВ. Прогласен е за народен херој на Југославија на 20 декември 1951 година.[1]

Животопис

[уреди | уреди извор]

Боро Менков е роден во Куманово, на 5 мај 1919 година, во сиромашно семејство.[2] По завршување на основното училиште, учел берберски занает, како чирак во берберница. Бил истакнат синдикален активист и раководител на штрајкот на берберските работници во Куманово, во 1936 година. По штрајкот, полицијата им забранила на мајсторите да го примаат Борко Менков на работа, поради што тој морал да замине од градот. Откако безуспешно барал работа низ Белград, заминал во Крагуевац на работа, каде останал од 1936 до 1938 година, и каде учел есперанто.[3] Во Крагуевац ја добил поканата за војска, и по отслужувањето се вратил во Куманово.

Во 1940 година се преселил во Скопје, каде отворил свој дуќан. По неколку претреси од страна на полицијата, Боро Менков го затворил дуќанот и се вратил во Куманово. Станал член на КПЈ во 1940 година.

Учество во НОБ

[уреди | уреди извор]

По окупацијата на Македонија бил еден од организаторите на НОВ во Куманово. Собирниот центар за оружје се наоѓал во неговата куќа, која подоцна била претворена и во тајна работилница за експлозивен материјал. Во работата помагале и неговите браќа. На 12 октомври 1941 година бил назначен за командант на Карадачкиот партизански одред.

Загинал два дена подоцна, на 14 октомври 1941 година, во борба со бугарската војска и полиција, при разбивањето на одредот.

За народен херој бил прогласен на 20 декември 1951 година.[4]

  1. „Македонска енциклопедија“, МАНУ, Скопје, 2009, 939 стр.
  2. „Народни херои од Македонија“, Наша книга, Скопје, 1973, стр. 217
  3. „Народни херои од Македонија“, Наша книга, Скопје, 1973, стр. 218
  4. „Народни херои од Македонија“, Наша книга, Скопје, 1973, стр. 221