Прејди на содржината

Археолошко наоѓалиште

Од Википедија — слободната енциклопедија
Археолошки ископувања во месноста Гран Долина, Шпанија.

Археолошко наоѓалиште или археолошки локалитет — место на кое се откриени на археолошки остатоци од човекови дејности во минатото. Стручно утврдените и заведени наоѓалишта обично се сметаат за културно-историско наследство. За дејноста на местото сведочи присуството на артефакти, структурни елементи, употреба на земјиштето и други отстапувања од природната околина. Остатоците можат да се пронајдат со набљудување на земјиштето или пак, ако местото е закопано, со подземно испитување.

Многу наоѓалишта се откриваат случајно. Најчесто првите откривачи се земјоделците, орајќи по нивите. На второ место се земјишните зафати при изградба или други предвидени дејности во месности кои се веќе познати како историски значајни. При наидувањето на наоѓалиштето, местото најпрвин се документира, а ископувања се отпочнуваат ако се располага со средства и време. Во случај на градежни работи, истражувачките работи треба да се предвидени во рамките на севкупните вложени средства.

Наоѓалишта во Македонија

[уреди | уреди извор]
План на археолошкото наоѓалиште Стоби кај Градско.

Археолошките ископувања во Македонија започнале во XIX век, претежно од странски истражувачи. Работите продолжиле под покровителство на југословенската држава, а потоа зеле замав со уредувањето на Македонија како државна единица во доцните 1940-ти.[1]

Според сознанија од првото десетлетие на XXI век, во Македонија постојат 5.000 познати археолошки наоѓалишта, иако истите стручњаци тврдат дека бројката е всушност двојно поголема[2].

Културнонаследна класификација

[уреди | уреди извор]

Според националната класификација на недвижното културно наследство на Македонија, наоѓалиштата (официјално поопфатно наречени „археолошки подрачја“) се делат на следниве видови:[3]

  • Некропола
  • Археолошки парк
  • Археолошка зона
  • Неистражено или делумно истражено археолошко подрачје (археолошки резерват)
  • Други археолошки подрачја

Настанок

[уреди | уреди извор]

Наоѓалиштето настанува со напуштање на местото од страна на неговите некогашни жители или со негово закопување. Неговото обликување може да се должи на различни процеси:

  • Физички: талози нанесени со одрони и лизгања (предизвикани од вода, ветер или мраз).
  • Хемиски: понекогаш поради минералите во почва од органско потекло.
  • Биолошки: поради дејноста на животните, како што се измет, храна или пренос на пленот.
  • Културни: поради човечки дејности, добивање на минерали, потрага по храна, производство итн.

Најзабележителни наоѓалишта и оние каде настанокот а највидлив се теловите. Ваквите видови живеалишта се среќаваат во поисточните краишта, кајшто користеле материјали како непечени тули (ќерпич), од кои со време се образуваат лажни ридови. Постојат повеќе примери за вакви наоѓалишта во Западна Азија и Северна Африка, меѓу кои особено се издвојува Чатал Хојук во Анадолија.

Археолошките наоѓалишта можат да се поделат според одредени мерила:

  • Времеследно: според големи културни етапи со развојни степени и раздобја: старото, средното и младото камено време (палеолит, неолит и мезолит). Исто така во врска со културите: сумерски, акадски, египетски, старогрчки итн.
  • Функционално: остатоците од првобитните општества можат да се поделат на простор за живеење и работа и погребен прос��ор. Првиот е место каде се одвива секојдневниот живот на заедницата, како што се јадење, спиење и работа. Најстарите останки се прилично прости (коски, орудија или пепел), но со развојот на општеството тие стануваат посложени. Со урбанизацијата доаѓа до поголемо разнообразие во општеството: урбано, рурално, збиено и поединечно. Погребниот простор (некрополата) е наменета како почивалиште и спомен за покојникот. Во прво време тоа се прости пештери, кои потоа прераснуваат во поединечни или збирни гробници.
  • Типолошки: според својата топографска состојба, може да биде на отворено, во пештера, во долина итн.
  • Времетраење: привремени, сезонски, трајни.

Археолошки ископувања

[уреди | уреди извор]
Ископини на Виничкото кале.

Археолошките ископувања можат да бидат земски или подводни. Подразбираат отстранување на почвата и анализа на структурата според научна методологија наменета за откривање и истражување на сите видови историски или палеонтолошки остатоци, како и поврзаните геоморфолошки составници.

Други дејности

[уреди | уреди извор]

Покрај горенаведеното, во наоѓалиштата се одвиваат и следниве дејности:

  • работа на консолидација, обнова и археолошка реституција
  • оградување и покривање на просторот
  • студиска и графичка документација на наодите и граѓата складирана по музеите

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. Лепавцов, Александар (1995). Via vita Macedonia: праисториските култури и природните транспортни коридори на почвата на Македонија. Време.
  2. Ефремов, Дејан (6 декември 2014). „Познати се 5000 археолошки локалитети во Македонија“. Канал 5.
  3. Национална класификација на културното наследство: Недвижно: 1.3.1.3 Археолошки подрачја

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]