Прејди на содржината

Пари

Од Википедија — слободната енциклопедија
Банкноти и монети

Пари — општоприфатено средство кое служи за размена на производите, за чување на вредноста и за плаќање на долговите. Тие се засноваат на договор во рамките на една заедница за користење на одредено средство за размена. Овој договор за користење на било кој материјал за пари може да биде или експлицитен или имплицитен, слободно избран или под принуда.

Функции на парите

[уреди | уреди извор]

Парите во економијата ги имаат следниве функции:[1]

  • Средство за размена (во прометот) - парите се предмет кој купувачите им го даваат на продавачите кога сакаат да купат добра и услуги.
  • Платежно средство (мерка за вредност) - парите се мерило со кое луѓето ги одредуваат цените и ги бележат долговите.
  • Чувар на вредноста (богатство) - парите се предмет кој луѓето можат да го употребат за пренос на куповната моќ од сегашноста во иднината.

Примитивни форми на пари

[уреди | уреди извор]

Во текот на историскиот развој, голем број производи служеле како пари. Вообичаено, кај сточарските народи, добитокот служел како пари. Номадските народи како средство за размена употребувале кожи. Како средство за размена се употребувале и определени парчиња накит. Кај војнички настроените народи за таа цел често служело и оружјето. Покрај споменатите добра, кои служеле и како употребни вредности, па и поради тоа биле многу барани, како средства за размена служеле и предмети кај кои е тешко да се утврди поводот поради кој биле избрани за таа улога, како, на пример, човечки или животински черепи, огромни камења и друго.

За тоа дека разни предмети често служеле како општо разменско средство не упатуваат и следниве поими во разни јазици во светот:[2]

  • во старословенскиот јазик зборот "скоту" означувал стока (добиток), но во исто време и пари;
  • војниците во древниот Рим во еден период биле плаќани со сол. Оттаму е и коренот на зборот "salary" во англискиот збор што означува плата.
  • до неодамна во рускиот јазик за една четвртина копејка се употребуваше зборот "полушка", а тоа значи половина кожа од зајак.

Кај повеќе словенски народи се употребува зборот - плати, платите, платити и слично, кој потекнува од времињата кога платнените крпи служеле како пари. Како разменско средство, односно пари во одредени периоди а во некои изолирани племиња во Полинезија и денес, за жал служеле и служат луѓето. Тоа и Хомер го има опеано во Илијада и Одисеја. Така, од Илијада можеме да дознаеме дека Ахил како награда на победникот во борење му давал троножец од бронза кој вредел 12 говеда, а на победениот му давал робинка која вредела четири говеда. Според Одисеја, Лаерт дал за робинката Еуриклија 20 волови, а за робови и робинки се купувале вино, бронза, железо итн.[3] Интересен е случајот на Кина. Во еден период, таму како пари служеле вистински ножеви. Подоцна, почнале да се прават од ламарина "мали симболични ножеви", кои немале своја употребна вредност, туку само разменска.

Со текот на времето некои од средствата за размена, од голема употреба толку се истрошувале што повеќе не можеле да се употребуваат за целите за кои првобитно биле наменети. На пример, кога како средство за размена се употребувале парчиња платно, со време тие потполно се испарталувале поради што биле непогодни за употреба (како употребна вредност), меѓутоа, и натаму биле ценети како средство за размена. На Крит, исто така, се ковале бакарни листови во облик на говедска кожа, што очигледно значело дека еден таков лист вредел колку и една говедска кожа, која првобитно „ин натура“ (во природа) била средство за размена. Во подоцнежниот развој, наместо говеда се употребувале метали со втиснат лик на говедо. Тоа значи дека првобитниот предмет, во текот на развојот се сведувал на прост знак, симбол, често без каква било материјална вредност, но со можност за нив да добие производи за потрошувачка.

На овој начин, средството за размена станало самостојна категорија, губејќи постепено секаква врска со конкретниот производ од кој потекнало. Неговата вредност повеќе не се темелела врз материјата од која било изработено средството, ниту врз можноста за негова употреба како добро, туку врз уверувањето дека за него, во определен сооднос, ќе може да се стекне друг производ, односно, било која друга употребна вредност. Од примитивните облици на парите и нивниот развој, проф. Мајхснер[4] изведува заклучок, според кој, економските добра можат да имаат вредност само ако се производи на општествено корисен човечки труд.

Металите како пари

[уреди | уреди извор]

Со текот на времето, од бројните облици на примитивни пари, металите ја презеле улогата на пари и од благородните метали се развиле денешните форми на пари и денешните парични системи. Имено, поради природните особини, металите биле особено погодни за нивна употреба како средство за размена и поради тоа, тие ги истиснале сите останати предмети како средства за размена. Во таа функција се употребувале железото, бакарот, бронзата, среброто и златото. Со текот на развојот, пак поради природните особини, златото ги истиснало сите метали и останало, до средината на 70-тите години од XX век, единствен метал за чија вредност се врзувала вредноста на парите.

Меѓу особините што се својствени за металите, особено за златото, да се употребуваат како пари, односно како материјал за правење пари или како стандард на вредноста на парична единица се наведуваат следните:[5]

  • Заменливост. Хомогеноста на материјата овозможува секое парче од металот да е еднакво на друго парче од истиот метал;
  • Деливост. Благородните метали можат да се делат и на најмали делови, а сите тие заедно да претставуваат иста вредност која ја претставувало парчето метал;
  • Ковливост. Металите можат да се коваат, да се растопуваат, а притоа да не изгубат ништо ниту од количината, ниту од особините, ниту од вредноста;
  • Трајност. Благородните метали не се распаѓаат и се неуништливи. Поради надворешни влијанија не можат да изгубат од својата количина, вредност или убавина;
  • Преносливот. Релативно големата вредност на мали количини благородни метали го олеснува прометот и на големи количини на вредности;
  • Корисност. Нема сомнение дека ни благородните метали не би се употребувале како средство за размена доколку не биле барани како стока, а побарувачката морала да биде интензивна и постојана. Тоа дава сигурност дека доброто кое се избира како средство за размена ќе се употребува и бара и во иднина, односно и во следниот период лесно ќе се најде имател на добра кои се подготвени да ги дадат во замена за благородни метали. Во врска со корисноста на благородните метали може да се забележи дека тие не можат да подмират егзистенцијални потреби, а се барани, што ја олеснува нивната потреба како средство за размена;
  • Постојаност на вредноста. Во текот на историјата благородните метали покажале најголема стабилност на вредноста, што е неопходно за со нив да се мери вредноста на другите стоки. Тоа е мошне важно за остварување и на нивната функција на средство за размена. Меѓу причините за стабилноста на вредноста на благородните метали се наведуваат две: 1) Нивното производство подлежи на Законот на опаѓање на рентата, што значи дека зголемувањето на производството на благородните метали е сврзано со зголемувањето на трошоците по единица на произведено количество, што има за последица поскапување на производот; 2) Самата употреба на благородните метали како парична материја придонела нивната вредност да се одржува стабилна. Тоа се обезбедувало со врзувањето на вредноста на парите за вредноста на благородните метали.

Ковани пари

[уреди | уреди извор]

Кованите пари, всушност, претставуваат парчиња метал со втиснат жиг на кој е напишана тежината на парчето.[6]

Ковани пари од Лидија.

Првите познати ковани пари се изработени пред 2700 години во Лидија од мешавина на злато и сребро која се нарекува електрум. И покрај предностите на благородните метали (злато, сребро) како средства за размена, во однос на примитивните форми на пари, плаќањето не било едноставно. При секое плаќање, металот морал да се мери, да се испитува неговата чистота, а и исправноста во мерењето на тежината можела да доведе до разидување на учесниците во размената. Овој начин на плаќање, каде што во секоја поединечна трансакција се вршеле мерење на тежината на златото или среброто се нарекува пенсаторно плаќање.

Меѓутоа, пенсаторното плаќање се покажало како комплицирано и набрзо почнале да се прават парчиња метали - прачки на кои се втиснувале знаци и натписи од кои можело да се види колкава е тежината на парчето, односно, кај благородните метали, колкава е содржината на чистиот метал. Такви знаци ставале производителите, а подоцна, специјализирани трговци или банкари. Таквото заверување на самата прачка ја елиминирало потребата од испитување на чистотата и од мерење на тежината, меѓутоа, тоа зависело од веродостојноста на лицето кое го вршело заверувањето. Со текот на времето, таквите заверки претставувале доволна гаранција заверените прачки да се примаат во прометот без детални испитувања на нивната тежина, а особено чистотата. Со втиснување на таков жиг е означен почетокот на ковањето на пари. Со практиката на ковање на пари (при што однапред се знаело колку злато треба да содржи определено парче и со каква чистота е златото) се надминала практиката на мерење на тежината и испитувањето на чистотата на секоја одделна прачка. Подоцна, со закони за парите во одделни земји се определувало колку злато содржи секоја парична единица и според тоа, потоа, во заокружени износи, се ковале одделни златници. Бројот кој означува колку парични единици се коваат од една единица на тежина на чист благороден метал се нарекува ковничка стапка.[7]

Венецијански дукати, 1382-1400 година

Со кованите пари се надминале бројни проблеми од пенсаторното плаќање, меѓутоа, се појавил и нов проблем. Преоѓајќи од рака во рака, златниците се трошеле, па нивната материјална вредност била помала од нивната номинална вредност. Тоа го комплицирало мерењето на вредноста на стоките. Во тој случај, проблемот го решавала државата така што таа определува граница до која златниците можат да се истрошат, а сепак, во прометот и натаму да се сметаат како полноважни. Со тоа, таа ги прогласувала за законско средство за плаќање и покрај тоа што златниците изгубиле дел од својата тежина и чистота, односно вределе помалку од онаа количина метал која соодветствувала на бројот на паричната единица на која гласеле.

Од развојот на кованите пари, според проф. Мајхснер,[8] можат да се извлечат неколку заклучоци во поглед на промените во поимот на парите:

  • благодорниот метал е средство за размена на производите, а ковањето е само техничка мерка за олеснување на манипулацијата при плаќањата;
  • со ковањето се овозможило од пенсаторно да се премине на нумераторно плаќање. Со тоа била создадена можноста фактички извршеното плаќање во поглед на количината на пренесениот метал повеќе да не биде сосема точно. Ознаката на самиот златник станала конвенционалност и како и сите конвенционалности покажала толкава виталност што станала порешавачка од самата содржина. На тој начин, ознаките како „фунта”, „рубља” или „марка” ја изгубиле врската со она што некогаш значеле, значи, што некогаш мереле, и повеќе не се ознаки на определена тежина или количина метал, туку голи имиња кои го изгубиле своето вистинско значење и само историски можат да се објаснат. Таквите ознаки стануваат имиња на пресметковни единици. Тие ја одбележуваат паричната единица како таква, значи, сосема истргната од нејзината врска со благородниот метал. Така, на површината избива паричната единица како чист пресметковен израз за определување на количината на пари т.е. на паричните износи. Паричната единица повеќе не се определува (дефинира) материјално, туку номинално.

Ваквото осамостојување на паричната единица од материјата на парите набрзо го искористиле монетарните власти и почнале да коваат пари со иста ознака на вредноста, но со помалку метална содржина во една парична единица. Одземеното злато го употребувале за ковење на дополнителна количина на пари, исто така со помала содржина на благороден метал. Со тоа се зголемувал паричниот оптек и се намалувала вредноста на парите (секогаш паѓа вредноста на секој производ чија количина се зголемува, ако во истовреме не се зголеми побарувачката за тој производ). Во таква ситуација, граѓаните повторно станувале свесни за металот кој требало да го содржи одделно парче на ковани пари и повторно почнувале да ги испитуваат кованите пари во поглед на содржината на благородните метали, и покрај жигот кој божем ја гарантирал вредноста во тој метал. И така, враќајќи се повторно на испитување на содржината на кованите пари, прометот почнал повторно да се враќа од нумераторно на пенсаторно плаќање.

Хартиени пари

[уреди | уреди извор]

Парите од хартија се само надворешна форма на пари, слично како и кованите пари. Се појавиле од технички причини: да ги олеснат тешкотиите во ковањето на парчиња од помали и од поголеми износи, да ја подобрат преносливоста на парите и да ги намалат трошоците (кованите пари се трошат во прометот, при што исчезнува во неповрат дел од благородниот метал) и опасностите сврзани со преносот на кованите пари. Појавата на хартиените пари се поврзува со практиката плаќањата да не се вршат со пренос на готови пари, туку со пренос на самото право на определен износ готови пари. Тие права биле отелотворени во исправи, чија големина не морала да се рамни според износот на кој гласеле исправите. На исто парче хартија издавачот можел да се обврзе на плаќање на било кој износ. Станува збор за обврзници на готови пари, со чие поседување располагал и износот на готовите пари на кои тие гласеле. Таквата обврзница е хартиена пара само доколку прометот се навикнал во доволна мера со неа да врши плаќање, наместо со готови пари. Значи, самата таа не е пари, туку само исправа преку која се располагало со пари. Тие обврзници биле сурогати на парите, т.е. ги заменувале вистинските пари, но го немале нивниот квалитет.

Сертификати

[уреди | уреди извор]
Сертификат издаден од Gloucester Old Bank, 1814 година

Почетокот на издавање хартиени пари се наоѓа во практиката на лондонските златари на поединци кои овде полагале готови пари за да им се издадат признаници на положените износи.[9] Потврдите му давале право на имателот од златарот да го подигне износот на кој гласела одделна признаница. Таквите потврди за депонирани метални пари (или монетарен метал,) се нарекуваат сертификати.

Полагачот на готовите пари можел да изврши некое плаќање со отстапување на признаницата на соодветен износ готови пари, бидејќи го пренесувал и правото на располагање со положениот износ. Довербата која ја уживале златарите придонела овие потврди во целост да ги заменат кованите пари, како средство за размена и плаќање. А технички, за прометот биле попогодни од кованите пари. Со воведувањето на сертификатите во односниот паричен систем не настануваат никакви суштински промени. Оптекот не се зголемува, бидејќи ако не циркулираат сертификатите, би циркулирале златниците или сребрениците. Сертификатот само ги заменува валутните пари (златници или сребреници). Со нив, всушност, само технички се подобрува циркулацијата на кованите пари.

Банкноти

[уреди | уреди извор]
Банкнота од 1 000 германски марки, 1910 година

Искуството дека потврдите ретко се враќале кај депозитарите заради враќање на положените пари на златарите им овозможило да издаваат потврди и над положениот вкупен износ на ковани пари, т.е. да издаваат нова форма на пари. Откриената можност била корисна и за депонентите и за депозитарите. Со издавањето потврди над примените износи ковани пари, депозиторот го зголемувал износот на средства за позајмување, издавајќи потврди над положените износи. Поради тоа, тој не морал да наплатува за чување од депонентите, а му се создала можност на положените ковани пари на депонентите да им плаќа определена камата (што е поповолно за нив од претходната ситуација).

Формално гледано, во прометот не се променило ништо. Истите потврди, како и порано, циркулирале и натаму. Меѓутоа, во суштина, со оваа постапка работата се променила суштествено, како во правен така и во економски поглед. Кога потврдите биле во целост покриени со ковани пари, текстот на потврдите можел да гласи: „Во депозит примив 10 фунти во ковано злато кое ќе го исплатам на барање на доносителот на оваа потврда”. Со практиката да се издаваат потврди над примениот износ на ковани пари, на потврдите текстот би можел да гласи само вака: „На барање на доносителот на оваа белешка ќе му исплатам десет фунти во ковано злато”.[10] Со оваа промена, сертификатот станува банкнота. Името потекнува оттаму што наскоро со таква работа почнале исклучително да се занимаваат банките. Со ова постапка, како што констатира проф. Мајхснер, издавачот воопшто повеќе не тврди дека примил во депозит извесна количина златници, туку тој само се обврзува дека на барање на доносителот на банкнотата ќе му ја исплати определената количина. Издавачот сега повеќе не морал во касите да го чува целиот износ на златници на кој вкупно гласеле од него издадените обврзници (потврди, ноти). Уште повеќе, тој - теоретски - воопшто не бил должен да држи каква било резерва, бидејќи било важно, при презентирањето на обврзницата, да ја исполни обврската. Негова работа било од каде, во тој момент, ќе набави златници. Заради сигурност, сепак, најдобро и наједноставно било во сопствените каси да држи дел од износот на кој вкупно гласеле издадени белешки, за да не се случи издавачот да не може, на барање на имателот, да ги исплати без одлагање.

Книжни пари – пари со присилно важење (fiat money)

[уреди | уреди извор]
Банкнота од 100 американски долари, 1934 година

За книжни пари се говори по укинувањето на конвертибилноста (заменливоста) на банкнотите во злато. Тоа се случило по Големата депресија од триесеттите години на 20 век. По таквите одлуки на владите во тогашните најразвиени земји, старите банкноти останале во употреба, меѓутоа, суштински се променила нивната правна природа. Тие веќе не претставувале барање на имателот за исплата во ковани пари на износот на кој гласеле. Наместо кованите пари, тие станале дефинитивни пари. Сите морале да ги примаат за измирување на своите побарувања по номинална вредност, без право да ги заменуваат за ковани пари. Со тоа банкнотите добиле присилен курс и станале хартиени пари. Ваквата промена на правната природа на парите уште повеќе ја зголемила одговорноста на монетарните власти за успешното остварување на нивната улога во националното стопанство. Се разбира, тоа с еоднесува и на меѓународните економски и финансиски односи, со оглед на елиминирањето на стоковните пари (златото) како светски пари и користењето на националните валути на најразвиените земји во функција на светски пари.

Жирални пари

[уреди | уреди извор]

Оваа форма на пари се развила како сурогат на банкнотите и на книжните пари, за конечно да станат пари за чија емисија и обем се грижи централната банка. Како што лондонските златари дошле на идеја положените златници да ги искористат подобро, ако им ги позајмат на некој друг, така и банките дошле до сознание еден дел од готовината на своите клиенти да ги позајмат на други лица, со оглед на тоа што дел од положената готовина со години лежела во касата на банките, бидејќи платниот промет се вршел преку сметките без употреба на готовина. Имено, во тоа време, давањето заеми се вршело со одобрување на сметката. Притоа, банката морала да внимава на тоа секогаш да биде во можност евентуалните исплати во готово да ги изврши без одлагање, а од друга страна, да може во секој случај да ги исплати вложувачите на нивно барање. Притоа, се сметало дека сите доверители нема да се појават во исто време со такви барања, како и дека и тие на кои им се позајмуваат пари нема да бараат исплата на кредитот во готово. Ова било основа банките да почнат да даваат заеми (да одобруваат кредити) и над износот на положената готовина. Тие заеми банките ги даваат на тој начин што во своите книги на корисниците на заемот им создаваат побарување спрема банката. Со тие побарувања корисниците можат да располагаат исто како да положиле соодветен износ во готови пари.(се подразбира дека банката за одобрениот креди ги задолжува на друга сметка). Ваквите побарувања се жирални пари.

Кога како подлога на жиралните пари биле банкнотите, банките при создавањето на жирални пари морале да водат сметка за покритието во банкноти, а тие, пак, се издавале во определен однос спрема покритието во злато. Така се воспоставувала врска меѓу жиралните пари, банкнотите и златото, а во практиката сите видови пари функционирале како еден единствен систем. Иако и тогаш успешното функционирање на системот зависело од економски оправданото одобрување на кредити (преку создавање на побарувања над положената готовина) и на банкноти над положениот износ на ковани пари, при создавањето на жирални пари тоа е од уште поголемо значење, бидејќи вкупниот оптек на парите нема „златна кочница”, како во условите на златно важење. Секој промашен кредит во производството ги намалува стоковните вредности и влијае врз намалувањето на вредноста на парите. Плаќањата со жирални пари се извршуваат на тој начин што со налогот за пренос се врши префрлање на парите од една сметка на друга, или со чек се вршт исплатата во готови пари.[11]

Електронски пари

[уреди | уреди извор]

Со развојот на електрониката и информатичката технологија во банкарството се разви и нов вид пари - електронски пари. Наместо само книжни и/или жирални пари, денес парите се јавуваат и во форма на електронски пари - пари во вид на електронски сигнали кои се чуваат во меморијата на компјутерите во банките. Со нив не се менува суштинската улога и значење на парите, како што не се промени ни со другите видови пари во процесот на дематеријализација на полновредните стоковни пари. Со електронските пари само се унапреди начинот на пренос на парите, т.е. со преносот на парите преку електронски сигнали се заменија поранешните скапи трансфери (со вагони, авиони, блиндирани возила, големо обезбедување итн.). За унапредување на преносот на средствата по електронски пат банките создадоа Друштво за светски меѓубанкарски финансиски телекомуникации (SWIFT) во кое членуваат повеќе од 2 000 банки.[12]

Парите како тема во уметноста и во популарната култура

[уреди | уреди извор]

Парите се јавуваат како тема во делата од уметноста и популарната култура.

Парите како тема во книжевноста

[уреди | уреди извор]

Парите како тема во популарната музика

[уреди | уреди извор]
  • „Пари, пари, пари“ (англиски: Money, money, money) - песна на шведската поп-група АББА од 1976 година.[22]
  • „Што правиш за пари, душо“ (англиски: What do you do for money honey) - песна на австралиската рок-група АЦ ДЦ (AC DC) од 1980 година.[23]
  • „Парите зборуваат“ (англиски: Money Talks) - песна на австралиската рок-група АЦ/ДЦ од 1990 година.[24]
  • „Пари“ (англиски: Money) - албум на британската панк група Базкокс (Buzzcocks) од 1979 година.[25]
  • „Големи пари“ (англиски: Big Money) - песна на американската рок-група Биг Блек (Big Black) од 1986.[26]
  • „Никогаш не ми ги даваш твоите пари“ (англиски: You Never Give me Your Money) - песна на британската поп-рок група Битлси од 1969 година.[27]
  • „Денови на доларот“ (англиски: Dollar days) - песна на англискиот рок-музичар Дејвид Боуви (David Bowie) од 2016 година.[28]
  • „Земи ги парите“ (англиски: Get The Money) - песна на Горан Бреговиќ од 1993 година.[29]
  • „Ме влечат твоите пари, душо“ (англиски: It's Yer Money I'm After, Baby) - песна на британската рок-група The Wonder Stuff од 1988.[30]
  • „Парите нема да дојдат“ (српски: Novac neće doći!) — песна на српската рок-група Дисциплина кичме од 1985 година.[31]
  • „Куп пари“ (српски: Pregršt novca) — песна на Дисциплина кичме од 1985 година.[31]
  • „Пари во рацете“ (српски: Novac u rukama) - песна на југословенската рок-група Екатарина Велика од 1986 година.[32]
  • „Лесни пари“ (англиски: Easy Money) - песна на британската рок-група King Crimson од 1973 година.[33]
  • „Заработувач на пари“ (англиски: Money Maker) - песна на американскиот рапер Лудакрис од 2006 година.[34]
  • „За неколку долари повеќе“ (англиски: For a Few Dollars More) - композиција на италијанскиот композитор Енио Мориконе (Ennio Morricone).[35]
  • „Грст долари“ (англиски: A Fistful of Dollars) - композиција на италијанскиот композитор Енио Мориконе.[35]
  • „Парите нема да те променат“ (Money Won't Change You) - песна на американската пејачка Арета Френклин (Aretha Franklin) од 1968 година.[36]
  • „Пари“ (англиски: Money) - песна на британската рок-група Пинк Флојд од 1973 година.[37]
  • „Чудни валути“ (англиски: Strange Currencies) - песна на американската рок-група „Р. Е. М.“ (R.E.M.) од 1994 година.[38]
  • „Овертура - Пари (Ете што сакам)“ (англиски: Overture - Money (That's What I Want)) - песна на американскиот рок-музичар Тод Рундгрен (Todd Rundgren)“ од 1972 година.[39]
  • „Парите се многу тешки (да се спомнат)“ (англиски: Money's Too Tight (To Mention)) - песна на британската поп-група Симпли ред (Simply Red) од 1985 година.[40]
  • „Светите пари“ (англиски: Holy money) - албум на американската рок-група „Свонс (Swans) од 1986 година.[41]
  • „Парите се месо“ (англиски: Money is flesh) - песна на американската рок-група Свонс од 1986 година.[42]
  • „Сè што сакаат парите“ (англиски: All That Money Wants) - песна на британската рок-група The Psychedelic Furs од 1988 година.[43]
  • „Бесплатни пари“ (англиски: Free Money) - песна на американската рок-музичарка Пати Смит (Patti Smith) од 1975 година.[44]
  • „Протреси ги твоите пари “ (англиски: Shake Your MOney) – песна на британската поп-рок група Хепи Мандис (Happy Mondays) од 1995 година.[45]
  • „Земи ги парите и бегај“ (англиски: Take the money and run) - песна на хрватската група „Хаустор“.[46]
  • „Крвави пари“ (англиски: Blood money) - песна на австралиската рок-група Чрч (The Church) од 1988 година.[47]
  • „Убави зелени“ (англиски: Pretty Green) - песна на британската рок-група Џем (The Jam) од 1980 година.[48]

Парите како тема во филмот

[уреди | уреди извор]
  1. Andrew T. Hill, (2013), “Functions and Characteristics of Money”, Federal Reserve Bank of Philadelphia, Charter 3, Segment 301, p. 2.
  2. Љупчо Трпевски, Монетарна економија, Економски факултет, Скопје 2010, стр.24-25.
  3. Поврзано кај Миодраг Угриќиќ, Новчани систем Југославије, Београд, 1967.
  4. Вјекослав Мајхнер, Основи науке о новцу, Универзитет Скопје, Скопје 1958, стр.31.
  5. Љупчо Трпевски, Монетарна економија, Економски факултет, Скопје 2010, стр. 27.
  6. Љупчо Трпевски, Монетарна еко��омија, Економски факултет, Скопје 2010, стр.29.
  7. Љупчо Трпевски, Монетарна економија, Економски факултет, Скопје 2010, стр.30.
  8. Вјекослав Мајхнер, Основи науке о новцу, Универзитет Скопје, Скопје 1958, стр.40-42.
  9. Љупчо Трпевски, Монетарна економија, Економски факултет, Скопје 2010, стр 31.
  10. Крсте Шајновски, Монетарна економија, Економски факултет, Штип 2011, стр.19.
  11. Љупчо Трпевски, Монетарна економија, Економски факултет, Скопје 2010, стр 35.
  12. Љупчо Трпевски, Монетарна економија, Економски факултет, Скопје 2010, стр 36.
  13. Блаже Тренески, Стојна ситноода. Скопје: Студентски збор, 1981, стр. 82-83.
  14. Кавкаске бајке. Београд: Народња књига, 1963, стр. 159-160.
  15. Дозгулпмус, Тритонус, Темплум, Скопје, 2008.
  16. Charles Baudelaire, Spleen Pariza. Zgreb: Mladost, 1952, стр. 88-90.
  17. Андре Жид, Ковачи на лажни пари. Битола: Микена, 2009.
  18. A. Moravija, Rimske priče. Beograd: Rad, 1964, стр. 62-68.
  19. Суфиски приказни. Скопје: Темплум, 2017, стр. 51.
  20. Народне приповетке. Београд: Просвета, 1963, стр. 135-138.
  21. Вук Караџић, Српске народне приповијетке. Београд: Лагуна и Вукова задужбина, 2017, стр. 240-244.
  22. Abba - Money, Money, Money - YouTube (пристапено на 3.11.2016)
  23. YouTube, What do you do for money honey - AC/DC (Lyrics) (пристапено на 15.6.2017)
  24. AC/DC - Moneytalks - YouTube (пристапено на 7.11.2016)
  25. YouTube, Buzzcocks - Money (1979) (пристапено на 9.2.2017)
  26. YouTube, Big Black - Atomizer (Full Album) (пристапено на 14.5.2017)
  27. YOU NEVER GIVE ME YOUR MONEY - BEATLES ... - YouTube (пристапено на 6.11.2016)
  28. YouTube, David Bowie- Blackstar (Full album) (пристапено на 29.5.2017)
  29. DISCOGS, Goran Bregović ‎– Arizona Dream (Original Motion Picture Soundtrack) (пристапено на 19.8.2020)
  30. Discogs, The Wonder Stuff – The Eight Legged Groove Machine (пристапено на 18.3.2021)
  31. 31,0 31,1 Kičme!* – Ja Imam Šarene Oči (пристапено на 10.9.2022)
  32. Ekatarina Velika - Novac u rukama - YouTube (пристапено на 3.11.2016)
  33. King Crimson – Larks' Tongues In Aspic (пристапено на 30.1.2023)
  34. Ludacris - Money Maker ft. Pharrell - YouTube (пристапено на 6.11.2016)
  35. 35,0 35,1 DISCOGS, Ennio Morricone ‎– The Best Of Ennio Morricone (пристапено на 31.8.2019)
  36. YouTube, Aretha Franklin - Lady Soul (1968) Full Album (пристапено на 20.3.2017)
  37. Pink Floyd - Money (Official Music Video) - YouTube (пристапено на 3.11.2016)
  38. DISCOGS, R.E.M. – Monster (пристапено на 17.2.2021)
  39. Todd Rundgren ‎– Something / Anything? (пристапено на 27.12.2017)
  40. DISCOGS, Simply Red ‎– Picture Book (пристапено на 30.8.2019)
  41. YouTube, Swans - Holy Money / A Screw (Original CD 1986) (пристапено на 20.3.2017)
  42. YouTube, Swans - Money Is Flesh (пристапено на 20.3.2017)
  43. Discogs, The Psychedelic Furs ‎– All Of This And Nothing (пристапено на 9.8.2019)
  44. DISCOGS, Patti Smith ‎– Horses (пристапено на 13.4.2021)
  45. DISCOGSBlack Grape ‎– It's Great When You're Straight...Yeah (пристапено на 1.9.2019)
  46. [Haustor 1981. 1984. 1985. 1988. City Records, 2006.
  47. YouTube, The Church - Starfish (Full Album) 1988 - 480P.mp4 (пристапено на 15.10.2017)
  48. Discogs, The Jam – Sound Affects (пристапено на 27.2.2021)
  49. IMBd, The Counterfeiters (2007) Awards (пристапено на 11.2.2018)