Црква „Св. Ѓорѓи“ - Козјак

црква во Македонија

Свети Ѓорѓи — средновековна селска црква во штипското село Козјак, Македонија.[1] Прогласена е за споменик на културата на Македонија.

Свети Ѓорѓи

Поглед на црквата

македонска православна црква
Епархија Брегалничка
Архијерејско намесништво Штипско
Парохија Карбинска
Местоположба

Карта

Координати 41°47′50″N 22°17′26″E / 41.79722° СГШ; 22.29056° ИГД / 41.79722; 22.29056
Место Козјак
Општина Карбинци
Држава Македонија
Општи податоци
Покровител Свети Ѓорѓи
Изградба IX-X век
Архитектонски опис

Самата црква всушност е означена како археолошко наоѓалиште од типот средновековна црква и некропола.[2]

Црквата се наоѓа во непосредна близина на археолошкото наоѓалиште Баргала. Претставува една од најстарите цркви во Македонија, од раниот средновековен период, која во целост е сочувана.

Местоположба

уреди

Црквата се наоѓа во некогашното маало Горни Козјак, дел од селото Козјак (Штипско), непосредно до ѕидините на утврдениот антички град Баргала.[3]

Некропола

уреди

Околу црквата се простира голема средновековна некропола. Забележано е дека таа била во употреба од VII, па сè до првите децении на XX век.[3]

Некрополата има гробови од камени конструкции. Археолошките ископувања укажале дека погребувањето е на повеќе нивоа, изведено во гробни дупки или гробови со камени конструкции. Има спорадични индиции и за гробови со кремирани покојници. Посебно забележување е тоа што оваа некропола ги дала првите материјални наоди од времето на населувањето и стабилизацијата на Словените во Брегалничкиот регион, а истовремено и податоци за разјаснување на проблемот за изградбата на црквата.[2]

Историја

уреди

За изградбата на црквата недостигаат литературни и историски извори, но во повелбата на царот Василиј II од 1019 година се спомнува средновековната населба Козјак, како енориски центар во рамките на Мороздвишката епископија.[3]

Постојат различни теории и претпоставки за времето на нејзиното настанување. Одредени мислења го посочуваат периодот од XI – XII век, но поголем број научници ја датираат во периодот од IX – X век, односно во времето на покрстувањето на Словените по долината на Брегалница.[4][5]

Архитектура

уреди

Црквата е градена од речен камен и од малтер, со употреба на сполии собирани од разурнатиот антички град. Основата на црквата претставува впишан крст во квадрат, со трапезоидна апсида и предапсидален простор. Нешто подоцна, до јужната страна на нартексот бил дограден параклис со купола. Од нартексот се влегува низ трибелон. Во јужното крило на наосот се наоѓа ѕидана правоаголна гробница, изградена во исто време со црквата.[3]

Извршените истражувања укажуваат дека во XIV век црквата е обновена, при што на јужната страна на нартексот е доѕидан параликс со квадратна основа и полукружен тамбур, горните делови на бифорите се затворени и извршено е третото по ред живописување.

Во внатрешноста на црквата има гроб за кој не се знае од кога потекнува, дали постоел пред нејзиното подигнување или пак некој покојник е погребан во нејзината внатрешност.

Внатрешноста

Фрескоживопис

уреди

На ѕидовите од црквата се наоѓа фрескоживопис во три слоја. Првиот е најверојатно од XI-XII век, а последниот од XIII-XIV век.[3] На најстариот слој сочувaни се старословенски графити.[5]

Од првиот слој на живопис од двете полукружни ниши, само од јужната е сочуван фрагмент од фреска на која бил претставен лик на светител. Вториот слој на живопис е датиран во третата четвртина од XIII век, од кога потекнува старата фреска од северозападниот пиластер на која, со архаичен изглед е претставен Исус Христос Антифонитис.[6]

Третиот слој на живопис е од XIV век и според разликите во стилските особености и уметничките квалитети, се претпоставува дека потекнува од најмалку четворица сликари. Како најуспешни се издвојуваат мајсторот што ги насликал композициите од северниот и јужниот ѕид, како и оној кој се јавува како автор на композицијата што се наоѓа јужно од влезната врата, на западниот дел, а на која е насликан непознатиот ктитор на црквата, неговата жена и син, сите во цел раст, поставени анфас и во молитвена поза.[6] Најверојатно ктиторската композиција потекнува од XIV век.[3]

Од сочуваните фрагменти од живописот во припратата може да се забележи дека таму биле претставени сцени од животот на светецот на кого е посветена црквата. Светители и воини во цел раст се насликани во првата зона во наосот, а од нив се сочувани Св. Петка, Св. Недела, Св. Димитрие, Св. Кузман и Дамјан и други.[6]

Сцени од големите празници се насликани во горните зони, а од нив се издвојуваат: „Благовештението“ на источниот ѕид, на јужниот „Крштението“ и „Стретението“ со „Раѓањето на Христа“ над нив, „Успението Богородичино“ и над него „Преображението“ на западниот ѕид, додека на северниот „Лазаревото воскресение“, „Влегувањето во Ерусалим“ и други. Архијереи во цел раст се насликани во првата зона во олтарот, а над нив се претставени архијереи во попрсја.[6]

Од источниот крак на крстот, на јужниот ѕид претставена е Богородица со Христос, над неа Св. Ана во попрсје, а на северниот ѕид, исто така во попр��је, насликан е Св. Јоаким.[6]

Во целосното сликање на црквата учествувале неколку зографи, чии имиња не се зачувани.[3]

Галерија

уреди
Внатрешност
Надворешност

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  2. 2,0 2,1 Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 431. ISBN 9989-649-28-6.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 3,6 Ристовски, Блаже, уред. (2009). „„Свети Ѓорѓи"“. Македонска енциклопедија. , книга II (М-Ш). Скопје: МАНУ. стр. 1324. Text "series " ignored (help)
  4. Расолкоска-Николовска, Црквата Св. Ѓорѓи во Горен Козјак во светлината на новите испитувања -Зборник „Кирил Солунски". Књ. I. Скопје, МАНУ 1970, стр. 222
  5. 5,0 5,1 „Карбинска парохија“. www.bregalnickaeparhija.org.mk. Архивирано од изворникот на 2021-02-03. Посетено на 2021-02-05.
  6. 6,0 6,1 6,2 6,3 6,4 „Св. Ѓорѓи, с. Горни Козјак“. www.macedonium.org. Посетено на 2021-02-07.

Надворешни врски

уреди