Самуилова тврдина
Самуиловата тврдина, позната и како Самоиловата тврдина — средновековна тврдина во градот Охрид, првично изградена од кралот Филип II Македонски, а подоцна наречена по средновековниот цар Самоил.
Самуилова тврдина | |
---|---|
Охрид, Македонија | |
Самуилова тврдина | |
Тип | тврдина, замок |
Изграден | IV век п.н.е. |
Изградил | Филип II Македонски |
Градежни материјали |
варовник |
Историја
уредиСамуиловата тврдина се смета за едно од најголемите утврдувања зачувани во Македонија. Првпат била споменета од страна на историчарот Тит Ливиј во III век п.н.е, уште додека била тврдина на градот Лихнид.
Уште во петтиот век од нашата ера Охрид се споменува од римските историчари како град со тврдини, кој како и другите римски градови на Балканот се брани од наездите на скитачките племиња, при големото преселување на народите во IV и V век. Закрепениот Охрид во 479 година ја одбил опсадата на готскиот крал Теодорих Велики.
Во подоцнежните векови Византија ги користела овие тврдини и сигурно ги проширила. Словените навлегуваат во Охрид без некои големи уривања. Но, Охрид како престолнина на Самоиловото Царство има обновени и доста силни бедеми. Денешната форма на тврдината потекнува од времето на цар Самуил макар што и по него постојат податоци за разурнувања и повторни поправки на тврдината од страна на Османлиите и Византијците.
По претворањето на Самуиловата држава во политичко и црковно седиште, Охрид станал средновековен метрополис. Сè до крајот на XIV и почетокот на XV век, населениот град Охрид живеел во градските ѕидини. Откако Охрид бил заземен од османлиските Турци, со доаѓањето на колонисти од Мала Азија во XV век, дошло до експанзија на населението низ пониските делови. Последен владетел на Самуиловата тврдина бил Џеладин-бег.[1]
Тврдината денес
уредиТврдината и денес го претставува највисокиот дел на Охрид, кој се издига 100 метри над нивото на Охридското Езеро. Низ историјата претрпела многубројни поправки, а тоа се глед�� и на Горната порта, во која се вѕидани многубројни мермерни сполии со грчки и римски натписи, кои потекнуваат од античките и римски згради, со кои изобилува овој простор.
Поновата историја на Самуиловата тврдина е поврзана со големото археолошкото истражување на културните слоеви во нејзината внатрешност и со обновата на нејзините ѕидини. Истражувањето започнало во 2000 година, при што беа откриени многу вредни наоди, меѓу кои и познатите „Златна маска и златна ракавица“, датирани од V век п.н.е.
Опис
уредиНајвисокиот дел од Охрид е опфатен со централните ѕидови кои се високи од 10 до 16 метри како и одбранбени кули. Еден крај од надворешниот бедем косо се спушта кон запад до брегот на месноста Лабино. Другиот крак тргнувајќи на исток ја преминува надворешната порта „Горна порта" ја зафаќа пониската височинка од Охридскиот рид во месноста Дебој и отука кон југ косо се спушта кон езерото.
Тврдината носи видливи траги на чести поправки. Под делумно урнатиот надворешен слој во внатрешните ѕидови се забележуваат хоризонтални либажни слоеви од тули со византиски формат.Во ѕидовите на горната порта вѕидани се многу камења со грчки натписи кои потекнуваат од античките згради со какви што овој терен е преполнет. Охридската тврдина денес претставува заштитен знак на Охрид а со тоа и на Македонија на неа се впишани многу страници од историјата и културата на македонскиот јазик низ вековите, што претставува непроценлив културен извор за нашата Република.
-
Капија
-
Поглед на Самуиловата тврдина
-
Поглед на езерото од тврдината
-
Внатрешноста на тврдината
Наводи
уреди- ↑ „Утрински: Самуилова тврдина - Охрид“. Архивирано од изворникот на 2008-04-15. Посетено на 2010-09-04.