Привремено претставништво на поранешната Внатрешна организација
Привременото претставништво на „поранешната Внатрешна организација“ е формирано по обединувањето на серчаните и револуционерите од Западна Македонија на поранешната обединета Македонска револуционерна организација. Бил објавен Апел до македонскиот народ и до емиграцијата во Бугарија за постигнување единство во барањето за самостојност на Македонија. Ополномоштен делегат бил испратен во Париз да ги застапува македонските интереси, да го пренесе барањето за ослободување и за обединување на Македонија во самостојна неутрална држава. Органот на Привременото претставништво објавил резолуција, на 8 мај 1919 година, од Собирот одржан внатре во земјата со барање за самостојна обединета Македонија.
Водач | Димо Хаџи Димов Ѓорче Петров Петар Поп Арсов |
---|---|
Цели | Самостојна македонска држава |
Основање
уредиНепосредно по завршувањето на Првата светска војна доаѓа до раздвижување на македонското ослободително движење. Први се јавуваат Серчани со својата декларација од октомври 1918 година, во која повикале на реафирмирање на борбата на македонскиот народ врз принципот на автономија на Македонија. Во декларацијата било истакнато:
- ... На местото на балканскиот национализам... го креваме старото знаме на македонската автономија, знамето на балканската слога и на идното балканско братство... Македонија треба да се востанови во нејзините географски граници... Македонија треба да добие за себе, за народностите што ја населуваат и за своите балкански собраќа најпогодна форма на управа, организирана по примерот на Швајцарската Федеративна Република, при полна и еднаква слобода за сите националности во просветен, црковен, политички, културно-економски однос, а под протекторат на Сојузот на слободните демократски народи...
Принципите кој биле изложени во Декларацијата на Серчани биле доработени во брошурата „Назад кон автономијата“ од страна на Димо Хаџи Димов. Брошурата била објавена во 1919 година и во неа, меѓу другото, се истакнува:
- Да и се даде кредит на денешната бугарска политика тоа значи да се предаде макеоднскиот народ на самоодрекување. Но, тоа не може да биде, тоа не може да стане. Се работи за цел еден народ кој не може да се жртвува за една политика. Затоа автономната идеја ја зафаќа цела Македонија, бидејќи е таква желбата на македонскиот народ... [1]
Врз основа на овие принципи, помеѓу Серчани и претставниците на бившата Внатрешна револуционерна организација во Западна Македонија била постигната спогодба за обединување, кое било означено како продолжување на делото на бившата целокупна внатрешна организација. Во Привременото претставништво влегле истакнати револуционери од македонското револуционерно движење и старата Македонска револуционерна организација, меѓу нив биле: Ѓорче Петров, Димо Хаџи Димов, Петар Поп Арсов, Туше Делииванов, Ризо Ризов, Михаил Герџиков, Христо Јанков, Александар Бујнов, Таската Серски, Ѓорѓи Скрижовски, Чудомир Кантарџиев, Стоју Хаџиев и други.
Дејност
уредиПо обединувањето бил испратен Апел до македонскиот народ од 9 март 1919 година во кој биле изложени гледиштата на групата по актуелните проблеми на македонското ослободително движење, а потоа во четири точки била изложена политичката програма. Во Апелот било истакнато:
- ... Македонското население, без разлика на народност и вера, по сè што проживеа има цврста и свесна желба неговата земја да се запази цела и неразделна како самостојна политичка единица на Балканот во нејзините природни балкански граници врз база: Солун како општ центар, Вардарската долина, Скопје и Битола со нивната стопанска и економска заднина... На вака создадената држава да и се даде самоуправа со полна рамноправност и еднакви права на сите народи без разлика на бројност и при отсуство на секакви духовни и политички установи кои би и дале предност на која и да било од нив или би побудиле сомневање или страв од зародување на сепаратистички стремежи и аспирации... [2]
По создавањето на претставништвото се започнало со создавање на организации насекаде на територијата на Бугарија каде што живеело бројно македонско население. Набрзо почнал да излегува и листот Билтен, орган на Привремено претставништво, во кој биле објавени статии за принципите на македонската самостојност.
Во листот свои статии објавиле, Ѓорче Петров, Димо Хаџи Димов, Христо Јанков и други., се известувало и за собирите сред македонската емиграција во Бугарија и население во Пиринска Македонија. Понатамошната дејност на претставништвото била поврзана со Мировната конференција во Париз и претставувањето на своите принципи, а од тука произлегол и судирот со Извршниот комитет на македонските братства во Бугарија.
На 10 април 1919 година, Пол Христов делегат на Привременото претставништво во Париз испратил протест до претседателот на Версајската мировна конференција, Жорж Клемансо. Во протестот се негодувало за активноста на Извршниот комитет на македонските друштва во Софија и било истакнато:
- ... во својство на делегат на македонските комитети при високата Мировна конференција, да протестирам против маневрите на некои сомнителни личности кои претендираат дека зборуваат од името на Македонија и дека божем го претставуваат таканаречениот Извршен комитет на македонските братства. Нека ми биде дозволено да укажам дека македонската емиграција во Бугарија од 30 години наваму создаде една доста бројна класа на бугаризирани Македонци коишто наполно интерсите на својата родна земја ги жртвувале на Бугарија. Луѓе што имаат две татковини се воопшто сомнителни... имам чест да укажам дека единствени македонски друштва ослободени од секакво бугарско политичко влијание или на некои други, а што верно ја претставуваат цел�� Македонија, без разлика на јазик и вера, тоа се македонските комитети кои заедно во 1893 година ја создадоа Внатрешната македонска револуционерна организација... Токму од нивно име, а никако од името на Бугарија или на Бугарите, имам чест да барам и повторно сега барам од Вашата Екселенција аудиенција за да Ви ги изложам барањата на македонскиот народ...
Пол Христов пред Мировната конференција ги изложил принципите на Привременото претставништво за решавањето на македонското прашање и постојано бил во кореспонденција со нејзините дејци. Во едно писмо испратено од претставнишвото до Пол Христов тие информирале дека: ... Во текот на неколку месеци успеавме да ги сплотиме сите македонски бегалци во Бугарија и населението во Македонија под знамето на самостојно суштетсвување на Македонија при полна географска и економска целина и под полна заштита на Лигата на народите... Ние ги разобличуваме сите јавни лица и групации во Бугарија, кои од името на Македонија аспирираат за национално обединување, т.е за присоединување на извесни македонски делови кон Бугарија... Ние ги разобличивме исто така сите оние дејци што со најформални акции се отстранија од револуционерниот пат и помогнаа судбината на Македонија да се сврзе со каузата на Бугарија... Ние водевме отворена борба против стремежите на официјалната бугарска политика, за која македонското прашање се сведува до прашање на монета за поткусурување... Сакајќи искрено од Македонија да направиме една држава која ќе создаде најсрдечни односи меѓу балканските народи, ние, сите што се борат за тој голем идеал, се поклонуваме пред Вас.... Привремено претставништво македонското прашање го третирало како географско, односо како шаренило на народи (Бугари, Грци, Срби итн.), отука во едно од нивните барања било истакнато:
- Прашањето е може ли, треба ли и потребно ли е да се спаси бугарското племе од туѓо политичко владеење? На ова прашање македонските Бугари одговараат потврдно и наоѓаат дека единствениот излез за тоа е создавање на една самостоjна Македонија во нејзините природни географски црти, со еднаквост на целото население без разлика на број ... Овој глас на македонските Бугари, кој истовремено е и повик кон бугарската влада да го исполни својот долг кон племето, ние го упатуваме кон него, како сведочиме дека тоа е гласот, тоа е зовот на Македонија и на сè што носи во неа бугарско име и бугарско национално сознание ... Така мисли Македонија, така мислат македонските Бугари... [3][белешка 1].
И покрај силната дејност и агитација за создавање на независна македонска држава, Привременото претставништво не успеало во своите намери. Париската мировна конференција со мали исправки ги санкционирала одредбите од Букурешкиот договор од 1913 година, а Македонија била и понатаму поделена од нејзините соседи: Србија, Бугарија и Грција [4].
Димитар Влахов во своите мемоари истакнува дека во есента 1919 година Привременото претставништво преживувало криза и речиси не работело [5]. За се излезе од таквата состојба бил организиран собир кој се одржал во квартот Лозанец во Софија. На собирот учествувале: Димо Хаџи Димов, Ѓорче Петров, Димитар Влахов, Благој Касабов и други. Главниот реферат на овој собир бил одржан од Димо Хаџи Димов, меѓутоа меѓу присутните немало некој поголем ентузијазам. На собранието дошле до израз различните погледи за идната дејност помеѓу Хаџи Димов и Ѓорче Петров. Собранието работело два дена, без да се донесе каква било резолуција, а учесните се разотишле без да имаат претстава за идната дејност сред македонската емиграција во Бугарија.
Замирање
уредиПо разочарувачкиот крај на мировната конференција во однос на нивните барања кои ги претставувале и желбите и очекувањата на голем дел од македонскиот народ, оваа организација се распуштила и поголемиот дел од нејзините членови се пасивизирале, дел од нив во своите ставови се приближиле со левоориентираните партии во Бугарија и со Комунистичката партија, додека еден дел се вклучиле во општествено-политичкиот живот на Бугарија.
Таков бил случајот со Ѓорче Петров, кој станал претседател на комисијата за бегалци во рамките на земјоделската влада на бугарскиот премиер Александар Стамболиски, додека Димо Хаџи Димов ја формирал емигрантската организација Емигрантски комунистички сојуз, а подоцна станал и пратеник на БКП во бугарското народно собрание.
Белешки
уреди- ↑ Овој текст од страна на бугарската историографија се зема како доказ за бугарскиот карактер на Привременото претставништво и воопшто за карактерот на македонската нација и неговата историја. Таквите ставови се неприфатливи за македонските историчари. Ако се земе предвид сета документација која произлегла од Привременото претставништво може да се заклучи, и покрај таквото нивно разбирање на македонското прашање, дека тие зборуваат во името на целиот македонски народ кој треба да се обедини околу идејата за самостојна Македонија.
Извори
уреди- ↑ Историја на македонскиот народ, книга трета, издава нип Нова Македонија - заедница за издавачка дејност, книги, периодика и публицистика - Скопје, Скопје, 1969.
- ↑ Документи за борбата на македонскиот народ за самостојност и за национална држава, том први, Универзитет Кирил и Методиј - Факултет за филозофско-историски науки, Скопје, 1981
- ↑ Църнушанов, Коста, „Македонизмът и съпротивата на Македония срещу него“, Унив. изд. "Св. Климент Охридски", София, 1992 г.
- ↑ Историја на македонскиот народ, Институт за национална историја - Скопје, Скопје, 1972.
- ↑ Димитар Влахов, Мемоари, Скопје, 1970
Литература
уреди- д-р Владимир Картов, Практикум по историја на државите и правата на народите во Југославија, Скопје, 1894.