Константин Апостолов
Константин Апостолов (Кочани, 17 април 1933 - Лондон, 16 август 2008) — македонски микробиолог, виролог и академик.[1]
Константин Апостолов | ||
Роден | 17 април 1933 Кочани | |
---|---|---|
Починал | 10 март 2008 Лондон | |
Националност | Македонец | |
Занимање | лекар |
Животопис
уредиАпостолов е роден во Кочани на 17 април 1933 година. Медицински факултет завршил во Скопје во 1957 година, а потоа се усовршувал во дијагностичка вирусологија во Бирмингем, Англија. Специјалистички испит по микробиологија полагал на Медицинскиот факултет во Скопје во 1963 година. Ја основал Вирусолошката лабораторија при Републичкиот завод за здравствена заштита.
По 1963 година кариерата ја продолжува во Англија, прво во Регионалната вирусна лабораторија во Болницата во Бирмингем, каде што специјализирал електронска микроскопија, потоа во Институтот за вирусологија и хемотерапија во Истражувачките лаборатории во Бекенхам, Кент. Од 1972 година до своето пензионирање работел како виш предавач и советник во Болницата Хамерсмит во Лондон.
Во 1983 година е избран за редовен професор по микробиологија и паразитологија на Медицинскиот факултет во Скопје, а во април 1994 година за член надвор од работниот состав на Македонската академија на науките и уметностите во Одделението за биолошки и медицински науки.[2]
Научно-истражувачката дејност на проф. Апостолов во почетокот била насочена кон клиничка и лабораториска дијагноза на вирусни заболувања и електронска микроскопија на вируси, а подоцна кон истражување на мембраните на вирусите, механизмот на цитопатскиот ефект на вирусите, ефектите на репликација на вирусите врз метаболизмот и др. Тој има објавено и 71 научен труд во реномирани светски списанија.
Доктор Константин Апостолов починал на 16 август 2008 година во Лондон.[3]
Наводи
уреди- ↑ Македонска енциклопедија, том I. Скопје: Македонска академија на науките и уметностите. 2009. стр. 74. ISBN 978-608-203-023-4.
- ↑ „МАНУ“. Архивирано од изворникот на 2010-01-23. Посетено на 2010-01-21.
- ↑ Во Лондон погребан македонскиот и британски научник Коце Апостолов, Утрински весник[мртва врска]