Жерар де Нервал
Жерар де Нервал (француски: Gérard de Nerval ), Париз, 22 мај 1808[1] - Париз, 26 јануари 1855) – еден од најпознатите француски писател, поет, есеист и преведувач од епохата на романтизмот.
Жерар де Нервал Gérard de Nerval | |
---|---|
Жерар де Нервал фотографиран од Надар | |
Роден/а | Жерар Лабрини (Gérard Labrunie) 22 мај 1808 Париз, Франција |
Починат/а | 26 јануари 1855 Париз, Франција | (возр. 46)
Занимање | писател, поет |
Националност | француска |
Период | XIX век |
Книжевно движење | романтизам |
Животопис
уредиСе родил во Париз, во сиромашно граѓанско семејство. Рано останал без мајка, без која растел од самото раѓање затоа што им бил даден на непознати старатели. Детството го поминал кај роднина во Мортфонтен, северно од Париз. Како млад почнал да објавува патриотско настроени стихови. Бил голем обожавател на Наполеон Бонапарт, а како уметник имал култ за германската култура. После две затворања заради учество во студентски нереди во 1832 година, се истакнал како студент по медицина во борбата против колерата која пустеела во Париз. По враќањето од едно патување, во 1834 година, првпат ја сретнал глумицата Жени Колон (Jenny Colon). Љубовта на поетот со време му станала опсесија и добила карактер на возвишен, мистичен култ. Живеел сиромашно, само од својата книжевна работа. Во 1841 година, се пројавиле првите видливи знаци на неговото ментално нарушување, кое самиот го именувал како „проширување на сонот во стварен живот“. После смртта на Жени Колон во 1842 година, тргнал на патување по источните земји. Инспириран од тие патувања ја објавува книгата „Пат на исток“. Истата година (1851), Нервал запаѓа во тешка душевна криза. Оди во санаториум на лечење, но и понатаму се занимава со книжевна работа, од каде е пуштен во 1854 година. Оттогаш живеел скитнички, во сиромаштија, а духовното растројство го зголемувал и неговиот страв дека не ќе може повеќе книжевно да твори. На 26 јануари 1855 година, минувачи го нашле поетот обесен во сиротинско прифатилиште.
Романтичар
уредиЖерар де Нервал долго бил ставан во групата „други“ или дури „помали“ романтичари и бил одвојуван од четирите „големи“ претставници на францускиот романтизам, Алфонс де Ламартин, Виктор Иго, Алфред де Вињи и Алфред де ��исе. Покрај специфичноста на неговата поезија, која многу се разликувала од дотогашната, и самиот Нервал придонел за таквиот статус бидејќи своите најдобри поетски остварувања не ги објавувал во самостојни збирки, туку ги додавал на прозните дела.
По некои свои црти Нервал е изразит романтичар. Бил еден од првите припадници на групата „Млада Франција“ (La Jeune France), која претставувал активно тело на романтичарското движење. Во духот на тогашните интелектуални тежнеења тој се интересира за егзотични земји, за примитивни народи и за фолклорот, домашен и странски.
Меѓутоа, она што го прави Нервал романтичар во најчистата смисла на зборот е неговата потполна искреност. За него пишувањето не било забава или средство за постигнување успех, па дури ни внатрешна потреба, тука било прашање на опстанок. Целата негова животна судбина била врзана за книжевната творечка работа. Целото поетско дело на Жерар де Нервал е внимателно следење и бележење на сопствените доживувања, немири, страдања, скитања и надежи.
Предвесник на симболизмот и надреализмот
уредиУгледот на Нервал како поет особено пораснал после појавата на симболизмот, на кого извршил големо влијание. Тоа влијание ги обележало двете струи на овој правец, струјата која е врзана за Пол Верлен и Стефан Маларме, а води до Пол Валери, и другата, која од Артур Рембо преку Гијом Аполинер води до надреализмот.
Како и подоцна симболистите, Нервал бара врски (соодветности) меѓу сите нешта на светот, бара односи меѓу сонот и јавето, настојува да ја сфати скриената смисла на сè што нè опкружува и тоа да го долови со сугестии, навестувања, а не со експлицитни објаснувања. Неговите песни се без реторички елементи, херметични, исполнети со зборови без прецизно и јасно одредено значење кои имаат призвук на магични формули. Пред симболистите и надреалистите Нервал ги укинува границите меѓу нормалното и ненормалното, понира во потсвеста и тежнее кон интуитивно откривање на апсолутното.
Тоа влијание се чувствува во модерната поезија и проза. Во поглед на истражување на времето, Нервал е претходник на Марсел Пруст, што и самиот Пруст го признавал, нарекувајќи го најголем гениј на XIX век покрај Франсоа Рене де Шатобријан. Наместо објективно земање на минатото кое е евоцирано со помош на интелектуалното памтење, Нервал воведува афективно памтење, субјективно непосредно, кое го бои и оживува минатото.
Наводи
уреди- ↑ Pierre Petitfils, Nerval, biographie, p. 14.
Надворешни врски
уреди„Жерар де Нервал“ на Ризницата ? |
- Дела од Gérard de Nerval на проектот „Гутенберг“
- Дела од или за Жерар де Нервал на Семрежниот архив
- Дела од Жерар де Нервал на LibriVox (аудиокниги во јавна сопственост)
- Hieronymo's Mad Againe: On Translating Nerval Архивирано на 28 март 2013 г. essay by Richard Sieburth, an English translator of Nerval
„Жерар де Нервал“ на Ризницата ? |
- Centre de Recherches Gérard de Nerval Архивирано на 16 мај 2017 г.
- Théophile Gautier, Gérard de Nerval Архивирано на 19 февруари 2009 г., Le Moniteur, 25 février 1854.