Георги Занков

политичар

Георги Занков (25 јануари 1886 во Самоков, Бугарија12 јули 1949 во Софија) — деец на Македонското револуционерно движење, војвода во Серскиот револуционерен округ и новинар[1].. По Првата светска војна бил претседател на Друштвото „Илинден“, претседател на Илинденската организација (1923–1924) и преку гласилата „Илинден“ и „Пирин“ водел самостојна политика. По Горноџумајските убиства (1924) емигрирал во Виена, каде што учествувал во создавањето на ВМРО (Обединета) и бил избран за член на ЦК (1925). Учествувал на Цариградската конференција (1929) на ВМРО (Об). Познат бил под псевдонимите: Д. Огњанов, Дејан, Живко и Прван.[2]

Георги Занков
Роден 25 јануари 1886
Самоков, Бугарија
Починал 12 јули 1949
Софија, Бугарија

Животопис

уреди

Георги Занков е роден на 25 јануари 1886 година во Самоков, Бугарија, во семејството на Христо Занков. По завршувањето на гимназија во Софија во 1904 година, се вклучил во ВМРО прво како четник во Серскиот револуционерен округ, а од 1907 година станал војвода на самостојна чета. По Младотурската револуција, заедно со Дине Дробенов (Трлис, Егејска Македонија) и Стеван Чавдаров (Стара Загора, Бугарија) се обидел да ја воспостави револуцинерната мрежа во Серскиот округ во 1909 година. Меѓутоа, тие се судриле со левите сили на Организацијата, познати како Санданисти, кои се залагале за децентрализација на Македонската револуционерна организација. Четата на Занков била разбиена помеѓу селата Трлис, Лески и Крчово од дваесетина милиционери предводени од Владимир Икономов, Таската Серски и Чедомир Кантарџиев. Дробенов заедно со четворица четници бил уапсен и обесен, Чавдаров побегнал во Драмско, а Занков се спасил во Горноџумајско.

Во 1910 година Занков учествувал во создавањето на Бугарската народна-македонско-одринска рњволуционерна организација, која за цел има извојување на целосна политичка автономија на Македонија, како преодна етапа за духовно обединување со Бугарија. Во февруари 1911 година, оваа организација зад која стоеле бугарските институции, врз основа на програмските документи ги испеглала разликите и се обединила со ВМРО на Тодор Александров. Дејците на оваа организација, Чернопеев и Занков се сретнале и со водачот на третата фракција на македонското ослободително движење Јане Сандански, но тој ја одбил соработката.

Георги Занков учествувал во Балканските војни во кои покажал голема храброст. Во текот на Првата балканска војна, Георги Занков бил на чело на партизанска чета на Македонското-одринско ополчение. Подоцна го предводел Серскиот одред и служил во 11-та серска дружина и учествувал во оспободувањето на Разлошко, Банско, Неврокопско, Драма и Серско[3]. За покажаната храброст бил одликуван со ордените „За храброст“ IV степен и „Свети Александар“ VI степен[4], а бил назначен и за командант на Сер.[5]. Но, за да биде што подалеку од Македонија, како и другите македонски револуционери, бугарската армија го испратила со четата во Булаир, блиску до Галиполе, каде влегол повторно во Македо��ско-одринското ополчение.

Во текот на Втората балканска војна Занков се истакнал во борбите на Султан тепе (Осоговска планина), Главовица, Чуриљак (Кочанско и Кратовско)[6]. Со својот личен пример на пожртвуваност го подигал духот на борците и за покажаната храброст добил офицерски чин.

Во периодот од 1914 до 1918 година Занков бил пратеник од Струмичко во Бугарското народното собрание, а по Првата светска војна бил општински советник (1920 - 1922) и помошник-кмет на Софија (1921). Исто така тој е еден од водачите на македонската емиграција во Бугарија. Од 1921 година, Занков станал претседател на друштвото „Илинден“, а по основањето на „Илинденската организација“ во 1923 година, тој бил назначен за нејзин претседател.

Во 1923 година Арсениј Јовков и Георги Занков направиле документарен филм за Македонија, кој се сретнува под името „Македонија во снимки“ или „Македонија“. Исто така тие го снимиле и пренесувањето на посмртните останки на Гоце Делчев во домот на Илинденската организација во Софија.

Георги Занков кој пишувал во весниците „Илинден“ (1921 - 1926) и „Пирин“ (1923 - 1924), водел самостојна политика и дошол во судир со ВМРО на Тодор Александров. Во 1924 година претставниците на Илинденската организација биле обвинети од Иван Михајлов дека поддржувале контакти со луѓето кои учествувале во убиството на Тодор Александров. Но, за време на Горноџумајските настани, Арсениј Јовков бил убиен, а Георги Занков успеал да се спаси и да емигрира во Виена.

Во 1924 година, по убиството на уредникот Јовков, паднала под влијание на ВМРО – михајловистичка. На Вториот конгрес на Илинденската организација (12–13.VII. 1925), Георги Занков и Арсени Јовков (посмртно) биле исклучени од раководството.

Занков по доаѓањето во Виена учествува во основањето на ВМРО (Обединета) и во 1925 година бил избран за член на Централниот комитет. Во 1926 година заминал во Албанија за да создаде база на Организацијата и да воспостави канал за пренесување на пропагандниот материјал во Вардарска и Егејска Македонија. Истата година, по враќањето во Виена, тој соопштил дека пропагандниот материјал за Костурско и Леринско ќе се испраќа преку Корча – Биглишта – Врбник. Подоцна ЦК на ВМРО се откажал од дејноста во Албанија поради недостаток на средства и сложената ситуација која настанала поради превратот на Ахмед Зогу.

Дел од членовите на ВМРО, Михаил Герџиков, Павел Шатев и Георги Занков не го оправдувале прекумерното прокомунистичко скршнување на Организацијата и сè повеќе со нивните истомисленици работеле на издвојување во посебна организација.

Во 1929 година Занков учествувал на Цариградската конференција на ВМРО (Обединета), на која бил исклучен од Организацијата. Според списанието „Федерасион Балканик“ (1924 - 1932) и весникот „Македонско дело“ (1925 - 1933), Герги Занков и Михаил Герџиков имале неуспешен обид да создадат нова организација во Цариград.

Всушност Национал Федералистите (во Цариград: Михаил Герџиков, Георги Занков, Павел Шатев и Наум Терзиовски; во Софија: Лазар Поповски, д-р. Филип Атанасов и Христо Цветков; војводи Славе Иванов, Миша Шкатров, Петар Ацев, Христо Апов, Георги Кондов, Георги Гевгелиски и др. Даскалов) уверени дека македонското прашање ќе биде решено во идната Балканска федерација, во Цариград решиле да се издвојат во одделна организација и своите активности да ги спроведат на територијата на Југославија. Во средината 1929 година тие испратиле до југословенската влада посебна декларација потпишана (29 јуни 1929) во име на ЦК од д-р. Филип Атанасов и Георги Занков, со која се бара да им се доволи во границите на Југославија да формираат Македонска Национална Револуционерна Организација која треба да го обедини македонскиот народ од трите дела на Македонија, во состав на Југословенската федерација, а истовремено ја известиле и дека веќе имаат свои организации во Виена, Цариград и Софија кои работат на спроведеување на политичките цели.

Меѓутоа, во 1930 година Герги Занков бил уапсен во Виена од австриските власти. По ветувањето дека нема повеќе да се меша во македонските дела, во 1931 година тој се вратил во Бугарија, каде што живеел до својата смрт. Починал на 12 јули 1949 во Софија.

Наводи

уреди
  1. Ристовски, Блаже, уред. (2009). „Занков“. Македонска енциклопедија. , книга I (А-Љ). Скопје: МАНУ. стр. 555–556. Text "series " ignored (help)
  2. Николов, Борис. ВМОРО – псевдоними и шифри 1893 – 1934, Звезди, 1999, стр. 31, 34, 42, 72, 81, 106.
  3. Манов, Румен (2014). Приказка за България. София: Агенция Европрес.
  4. „Македоно-одринското опълчение 1912 – 1913 г. Личен състав“, Главно управление на архивите, 2006, стр. 263, 892, 894.
  5. Генов, Георги (2006). Беломорска Македония 1908 – 1916. Торонто. стр. 125.
  6. Ацев, Петър (2011). Спомени. София: Алфаграф. стр. 242.