Алан Форд
Алан Форд е италијански стрип создаден од страна на Макс Банкер (Лучано Секи) и Магнус (Роберто Равиола), кој за првпат бил испечатен во 1969.[1] Во стрипот сатирично е опишан животот на една група тајни агенти исполнато со многу надреалности и црн хумор. Иако овој стрип се прослави во Италија, кратко по неговото претставување, Алан форд остана релативно непознат надвор од неа. Француските и бразилските изданија брзо се повлекоа поради неуспех, но во СФР Југославија стрипот наиде на огромна популарност, и доживеа голем успех, станувајќи еден од најпопуларните стрипови на тие простори.[2][3]
Приказна во стрипот ги следи авантурите на неколку тајни агенти од групата ТНТ чие седиште се наоѓа во една цвеќара во Њујорк. Иако овие агенти се неспособни и мрзеливи, сепак кога станува збор за нивните сопствени интереси тие се интелегентни и итри, и секогаш го добиваат тоа што го сакаат. Овие агенти се предводени од нивниот водач во инвалидска количка на кого сите му се обраќаат како „Број 1“, тој е парализиран старец со долга брада и голем нос чие право име и возраст не се познати. Стандардните изданија на Алан Форд се мал формат, секогаш во обем од 120 страници поделени на две сликички нацртани во црно-бела техника. Исклучок беа репринтите на класични епизоди објавени во „Макси супер стрип“, магазин на „Вијесник“ на А4 формат, во текот на осумдесеттите години од минатиот век.
Ликови
уредиНиз серијалот, кој се одржува со по една епизода месечно уште од 1969 година дефилираат низа ликови, чиј морал и постапки се често контроверзни.
Група ТНТ
уреди- Алан Форд е убав, но наивен русокос сирак, кој често упаѓа во неволји и се труди да делува помирително во односите меѓу луѓето. Особено нема среќа со жените, кои најчесто го искористуваат, почнувајќи од супер-шпијунката Марго, завршувајќи со Бренда (Алан Форд), негова најдолготрајна девојка за која се испоставува дека е агент на Големиот Цезар.
- Боб Рок (Алан Форд) е низок, со голем нос, кавгаџија, облечен во наметка и капа на Шерлок Холмс (автопортрет на цртачот Магнус).
- Бројот Еден е стар паралитичар со долги нос и брада, водач на Групата ТНТ. Наводно имал познанства со разни историски личности, од Хомер па навака. Има мало книжуле во кое чува инкриминирачки податоци за многумина, особено за њујоршките полицајци („фрит, фрит“).
- Сер Оливер, англиски аристократ со монокл, совршени манири и лепливи прсти.
- Грунф, пронаоѓач и пилот, Германец по потекло.
- ��ебелиот Шеф, односно Гервасиус Твинклеминкенсон е автопортрет на авторот Бункер.
- Еремија (Алан Форд) (Јеремија) е тежок хипохондар.
- Заморецот Сквики
- Песот Носко (Носоња)
- Папагалот Хлодовик
- Мачката Пруди
- Питонот Ксерес
Сојузници (најчесто)
уреди- Бродвејскиот импресарио Тобија Квантрил, пријател на Бројот Еден и сопственик на Ксерес.
- Неспособниот полициски инспектор Брок.
- Претставниците на тајната служба на САД, генералот Војна и неговиот помошник Берт.
- Бразилката Покита, убавица која обично е топлес, промискуитетна и добродушна.
- Покито, глувонем брат на Покита и готвач со ужасно реноме.
Негативци
уреди- Убавата и фатална шпијунка Марго (Margot).
- Суперхик, алкохолизиран „обратен Робин Худ“, кој краде од сиромасите да им дава на богатите.
- Арсен Лупига, џентламен-крадец, пародија на Арсен Лупен.
- Мајсторот во маскирање Гумифлекс.
- ТВ-напаста Антенмен е инспириран од современите случувања во италијанската политика, особено подемот и активностите на медиумскиот магнат Берлускони.
- Големиот Цезар во првите 180 епизоди е сојузник, а потоа се испоставува дека сковал заговор против групата, која е сѐ уште во војна со него.
- Вампирот Вурдалак.
- Триото Фантастикус.
Преводи
уредиОсвен на италијански јазик, Алан Форд е отпечатен и на српскохрватски (во поранешна Југославија), француски, дански, португалски (во Бразил), македонски, словенечки и најново, на албански јазик.
Во Македонија првите достапни изданија на Алан Форд беа на хрватски јазик, во издание на „Вијесник“ од Загреб, во седумдесеттите години на дваесеттиот век. Особен печат на читателската публика остави преведувачот од тоа време хрватскиот писател Ненад Брикси.
По распадот на СФРЈ, се појави и издание на македонски јазик. Се работеше за издавачот „Еттеа стрип“ од Скопје, кој издаде две едиции од овој јунак. Во Едиција Класик беа објавени првите осум броеви од редовната серија. Во едицијата Редовна Серија беа објавени понови епизоди, почнувајќи од број 266 од оригиналните италијански изданија, па сè до број 276. Изданијата беа во мек повез. Вкупно беа издадени деветнаесет броеви.[4] Од 2004 година беа достапни изданија на српски јазик, кои се објавуваат со еден месец задоцнување, но по популарна цена од 30 денари. Почнувајќи од месец септември 2008 година, во Македонија повторно започна да излегува стрипот Алан Форд на македонски јазик и кирилично писмо. Издавач на новото македонско издание беше „Варм Комикс“ од Прилеп.[5] За првпат се понудија две варијанти во продажба - мек и тврд повез. Се започна со првите епизоди објавени во Италија. Од оваа едиција излегоа вкупно осум броеви. Првите шест ги отпечати печатницата „Зомес“, и беа во мек и тврд повез, на убава, бела хартија, додека последните две епизоди, ги отпечати „Гинис“ и излегоа само во мек повез. Во меѓувреме, излезе и еден број од редовната серија, оригинално во Италија објавен како број 361, со назнака на насловната на јубилејот - 40 години од овој стрип серијал. Особен интерес за овие изданија имаше од страна на италијанските колекционери на Алан Форд.
Наводи
уреди- ↑ Lambiek Comiclopedia. „Magnus“.
- ↑ Алан Форд
- ↑ http://razvigormk.blogspot.com/2007/12/blog-post_774.html
- ↑ http://www.stripovimk.com/ettea%20strip%20naslovni.html[мртва врска]
- ↑ „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2013-12-11. Посетено на 2014-06-05.
Надворешни врски
уреди- Агора: Наивец во светот на злите од Томислав Османли, есеј за Алан Форд
- Галерија на гегови од стрипот (на хрватски)